Муцунски одговори на Софија, без доверба не е можна евроинтеграцијата

Според Муцунски, евроинтегративниот процес мора да се гради во духот на европските вредности, односно со доверба, поддршка и заемно почитување, притоа посочувајќи дека земјава веќе покажала дека е кредибилен и доверлив партнер на ЕУ.

Интеграцијата во Европската Унија (ЕУ) останува врвен приоритет на надворешната политика на земјава и Владата останува на ставот дека тој процес мора да се води исклучиво според Копенхашките критериуми, е ставот на шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, по изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дека на Македонија треба да ѝ се гарантира дека по уставните измени нема да има други барања на нејзиниот пат кон ЕУ.

Според Муцунски, евроинтегративниот процес мора да се гради во духот на европските вредности, односно со доверба, поддршка и заемно почитување, притоа посочувајќи дека земјава веќе покажала дека е кредибилен и доверлив партнер на ЕУ.

„И покрај застојот во отпочнувањето на пристапните преговори, предизвикан од билатерални спорови, евроинтеграцијата останува врвен приоритет на нашата надворешна политика. Македонија веќе покажа дека е кредибилен и доверлив партнер на Унијата – целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика, прва во регионот што го потпиша Партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија, и држава која активно придонесува кон мирот и стабилноста во регионот и пошироко. На крајот потсетуваме дека – во духот на европските вредности – довербата, поддршката и заемното почитување мора да останат темел врз кој ќе се гради евроинтегративниот процес“, вели Муцунски во изјава за ТВ Сител.

„Тие очекуваат дека пристапувањето сега може да се прецизира, но она што е одобрено е одобрено, она што е договорено е договорено и тие мора да го спроведат. Во исто време, многу е важно да се изгради доверба. И да се гарантира на Северна Македонија дека она што го очекуваме и сакаме во моментов не е само нешто што го сакаме сега и го очекуваме подоцна. Нема да сакаме ништо повеќе да се прави подоцна. Ова е разумно. Исклучително е важно да се изгради доверба. Тоа е една од причините зошто ги повикуваме повеќето влади да работат на специфични прашања што можат да ја подобрат поврзаноста на двете страни. Тоа може да ги подобри условите, конкурентноста во двете економии. Да се поврзат двата народа“, рече претседателот на Европскиот совет.

Кошта инаку напомна дека е лично вклучен во овој процес и оти очекува да има напредок по завршувањето на локалните избори во С Македонија.

„Ги посетив и Бугарија и Северна Македонија. Разговарав многу пати со премиерот, со претседателот Радев, со претседателот на Северна Македонија, со премиерот Мицкоски. И верувам дека по изборниот период, кој моментално е во Северна Македонија, можеме да разговараме и некако да постигнеме напредок во овој процес. Северна Македонија долго време работи на овој процес“, кажа тој.