Синајскиот архиепископ Дамианос се врати во Атина
Со делегација предводена од заменик-министерка за надворешни работи на Грција Александра Пападопулу и генералниот секретар на Министерството за образование, религија и спорт на Грција Јоргос Каланѕис и со специјален лет од Египет, утрово во Атина се врати синајскиот архиепископ Дамианос и уште девет монаси од манастирот Света Катерина, соопштија од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Во четвртокот, како што објави МИА, архиепископот Дамианос, преку писмена изјава објавена во грчките медиуми, најави дека ќе се повлече и ќе започнат предвидените процедури за избор на негов наследник за што ја информирал и грчката Влада.
Од грчкото МНР претпладнево соопштија дека во 7:15 часот утрово со специјален лет на авиокомпанијата „Ејџиан“ од Шарм Ел Шеик, на атинскиот аеродром слетала грчка делегација, предводена од Пападопулу и Каланѕис.
– Делегацијата вчера напладне стигна во манастирот Света Катерина на Синај со цел безбедно да го преземе архиепископот Дамианос и грчките граѓани кои престојуваа во манастирот, меѓу кои и девет монаси кои сакаа да се вратат во Атина. Манастирот, кој е под надлежност на Синајското монашко братство, функционира нормално и останува отворен за посетители, соопштија од грчкото МНР.
Додадоа дека во следните денови ќе започнат процедурите за избор на наследник на Дамианос, „во согласност со неговата јавно изразена волја и согласно основните правила на манастирот“.
На повлекувањето на 91-годишниот архиепископ му претходеа тензии во манастирот поради внатрешните проблеми и несогласувањата на група монаси за кои самиот Дамианос обвини дека се обиделе нелегално да го разрешат, а потоа, откако биле исклучени од братството, одбиле да го напуштат манастирот.
Преку видео објавено во грчките медиуми, архиепископот, кој беше и игумен на синајскиот манастир Света Катерина, минатата седмица упати апел до владите на Египет и Грција да го заштитат, бидејќи како што рече, неговиот живот е во опасност.