Литургијата на помирување меѓу СПЦ и МПЦ-ОА во Белград ја поздрави и вселенскиот патријарх Вартоломеј со која беше ставен крај на 55-годишниот раскол.
Патријархот Вартоломеј рече дека сослужувањето на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски Стефан со право може да се оцени како чин на помирување и соработка.
„Преку вас ја поздравувам светата црква на Србија и срдечно го прегрнувам нејзиниот поглавар, најљубениот и блажениот патријарх г. Порфириј. Нашите две цркви се поврзани со свети и неуништливи врски, на заедничка вера и заеднички борби, и врски на љубовта на мајката кон својата сакана ќерка, кои според апостол Павле, „никогаш не пропаѓаат“ – рече вселенскиот патријарх.
Тој ја нагласи и радоста на, како што посочи, Мајката црква во Константинопол по „историската одлука“ на нејзиниот Синод за враќање на Охридската архиепископија во евхаристиска заедница, што го отвори патот за помирување со СПЦ и воспоставување на мирот и поредокот на Балканот.