Ако премиерот и ВМРО-ДПМНЕ имаат сериозен пристап, ќе најдеме решение, смета Филипче за резолуцијата и „црвените линии“

До крајот на неделата СДСМ ќе има работна верзија на декларација која треба да ги содржи црвените линии во евроинтеграциите, најави денеска лидерот на опозициската партија, посочувајќи дека иако е предизборие, политичките чинители треба да седнат заедно на маса и да се формализира како ќе се продолжи понатаму во евроинтеграциите.

Претседателот на СДСМ и пратеник во Собранието, Венко Филипче, на прашање за резолуцијата што ја предлага и за „црвените линии“ во преговорите со ЕУ, истакна дека кога станува збор за националните интереси, кога станува збор за врвните државни интереси и стратешката цел на нашата земја тоа е ЕУ и тука, ниту јас лично, ниту СДСМ, не сметаме дека тоа треба да е предмет на препукување во дневната политика.

„Не калкулираме, нема итроштини, не правиме никакви трикови. Сметам дека доколку ВМРО–ДПМНЕ и премиерот имаат ваков сериозен пристап кон темата а не гледам причина да немаат тогаш сметам дека ќе најдеме решение“, појасни Филипче.

Тој вели дека тоа го бара ЕУ, а не само Бугарија и дека тоа е документ на ЕУ, на Брисел, и е практично нешто што е резултат на бројни преговори на еден долготраен процес.

„Јас ја разбирам грижата на граѓаните, а тоа меѓу другото, тие на некој начин и го изразија за време на минатогодишните избори кога во тој контекст така гласаа кога станува збор за СДСМ наспроти ВМРО–ДПМНЕ и сметам дека таа грижа на граѓаните не треба да ја оставиме на страна. Исто така сметам дека во ниту еден документ не се загрозени ниту националните интереси, ниту е направено некакво предавство“, укажа Филипче во оваа своја изјава.

Тој нагласи дека сите политички чинители треба да седнат заедно на маса за да се знае како ќе се продолжи понатаму во овој процес.

„Сметам дека мора сите политички чинители да седнат заедно на маса и да одредиме што е тоа што јасно и гласно во еден документ, можеби цитиран од претходни документи, договори потпишани, резолуции… Но, треба да го формализираме за да знаеме како ќе продолжиме напред и да ги информираме граѓаните за тоа“, рече претседателот на СДСМ и пратеник во Собранието, д-р Венко Филипче.