Од 1 Јануари стартува „Безбеден град“ – никој нема да биде поштеден, најави Тошковски

Казна затвор и трајно одземање на колите се дел од казните од проектот „Безбеден град“, со кој преку камерите на улиците ќе се регистрираат сообраќајни прекршоци. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска кажа дека проектот „Безбеден град“ ќе почне да функционира од 1 јануари 2026 година.

Казна затвор и трајно одземање на колите се дел од казните од проектот „Безбеден град“, со кој преку камерите на улиците ќе се регистрираат сообраќајни прекршоци. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска кажа дека проектот „Безбеден град“ ќе почне да функционира од 1 јануари 2026 година.

„Пред формално да почне со употреба, најмалку еден месец претходно ќе почнеме со тест период во кој граѓаните ќе бидат информирани дека сториле прекршок, а казни ќе се пишуваат од 1 јануари 2026. Работиме интензивно на промена на законите, вчера во собраниска комисија беше на прво читање Законот за безбедност во сообраќајот, а во наредниот период ќе се стават во собраниска процедура уште пет-шест закони“, рече Тошковски одговарајќи на новинарско прашање по средбата со словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар во Охрид.

Системот „Безбеден град“ е замислено да функционира во цела држава, но за почеток ќе почне со имплементација во Скопје, Тетово и Куманово. Тошковски се надева дека од 1 јануари камерите ќе функционираат и на Коридор 8 и Коридор 10, а до средината на 2026 да биде покриена целата територија на земјава.

„Целта не е да се казнуваат граѓаните туку да се спаси бар еден човечки живот. Оној кој седнува зад волан без возачка дозвола, под дејство на алкохол или под дејство на психотропни супстанци, или вози 90 километри на час над дозволеното, тој не заслужува да поседува возачка дозвола и не треба да биде дел од сообраќајот. Ќе ги заостриме казните особено во рамките на Кривичниот законик, па освен парична казна ќе се изрекува и казна затвор и трајно одземање на возилата со кои се сторени кривичните дела“, рече Тошковски.

 Тошковски најави и воведување забрана за користење мобилни телефони и електронски уреди не само за возачите на моторни возила, туку и за пешаците и велосипедистите.

„Со измените се предвидува забрана за употреба на телефони и електронски уреди при управување со велосипед, мопед, мотоцикл, скутер, трактор и други возила, а истовремено и за пешаците при одење, преминување на коловоз или движење по велосипедска патека“, изјави Тошковски.

„Со овие измени обезбедуваме поефикасна контрола на прекршоците – записникот со платен налог ќе биде единствен документ за помали прекршоци, а прекршоците ќе се утврдуваат и документираат преку техничка опрема“, додаде министерот.

Во 2024, во сообраќајни несреќи загинале 142 лица.