Со ребалансот на Буџетот Владата ќе крати 200 милиони евра непродуктивни трошоци
„Нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандарот на граѓаните и поддршка на стопанството се обезбедуваат со ребалансот на Буџетот, како средства за заштита или резерва и во случај на потреба ќе влезат во нов пакет мерки. Се обезбедуваат и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците“.
Ова денеска го изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.
Со ребалансот на Буџетот, што го усвои вчера Владата, се обезбедени и средства за покачување на пензиите на пензионерите, на платите за наставниците, за субвенции за покачување на минималната плата, и во јавниот и во приватниот сектор, како и повеќе средства за социјални надоместоци и субвенции за гарантиран минимален приход, вели тој.
„Овој ребаланс е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. Ова е ребаланс за целосно заздравување на економијата од пандемијата. Ребаланс за поддршка на граѓаните и фирмите во екот на глобалната ценовната и енергетска криза“ – рече Бесими.
Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2 проценти, што е намалување за 1,4 п.п. во однос на макроекономските проекции кога се креираше Буџетот.
„Влијанието на ценовните притисоци врз доходот на домаќинствата ќе биде неутрализирано преку зголемената минимална плата, зголемените пензии, но и преку други владини мерки за ублажување на ефектите од ценовниот шок“ – најави Бесими.
Стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти, што е интензивирање на ценовниот пораст споредено со 2021 година.