
Мицкоски најавува озбилна робусна акција во судството и обвинителството после локалните избори
Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на обвинението против членката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитриевска, како и на интерпелациите за членови на Судскиот совет и државниот обвинител, предупредувајќи дека овие случувања ќе имаат директно влијание врз меѓународните извештаи за земјата.
Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на обвинението против членката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитриевска, како и на интерпелациите за членови на Судскиот совет и државниот обвинител, предупредувајќи дека овие случувања ќе имаат директно влијание врз меѓународните извештаи за земјата.
На новинарско прашање дали овие случувања ќе се одразат на довербата во ДКСК, како и меѓународните извештаи за правосудниот систем, премиерот одговори дека е неопходна робусна акција за да се утврди одговорност.
– Очекувам дека ќе се одрази, не велам дека не очекувам. Тоа се работи кои што ние како влада 14 месеци ги предупредуваме – и по однос на работата на антикорупциска и по однос на работата на Судскиот совет и јавното обвинителство. Но, кога ние реагираме, тогаш повторно се наоѓаме во извештаите дека правиме политички притисок. Сега ќе се најдеме во извештаите дека тие места се непополнети или не си ја вршат работата. Така што, мислам дека со сиот политички ризик после локалните избори, треба една озбилна робусна акција да се направи и сите овие кои што го доведоа судството и обвинителството на ниво од 2 проценти треба да заминат, а ако се утврди одговорност – треба и да одговараат, рече премиерот во изјава по увид на градежни активности на нова детска градинка во Драчево.
Мицкоски нагласи дека владеењето на правото не може да се постигне со пасивност, туку со активна интервенција во системот.
-Доколку седите на страна, тогаш нема владеење на право, ако се вклучите во процесот, тогаш правите притисок – не можете никако да погодите. Така што, подобро еднаш засекогаш да расчистиме со овие инсталации во рамките на нашиот судско-обвинителски систем и да избереме луѓе кои се со квалитет, компетенции и да се надеваме дека тие ќе бидат заштитници на правото и правдината, додаде премиерот.
Во однос на постапката за разрешување на републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски, премиерот истакна дека ставот на владата останува непроменет.
-Ние не ги менуваме ставовите преку ноќ, доколку од другата страна нема некое објективно, крупно значајно аргументи кои што би не довеле до ситуација да го преразгледаме нашето мислење. Мојот став од самиот почеток до денеска е ист, рече тој.