Ефект од масовното сечење на шумата во Преспа: Љубојно се поплави од надојдениот порој

Жителите на преспанското село Љубојно цела недела одржуваат протести и блокади на локацијата над селото на која е извршено масовно и прекумерно сечење на шумата, а доцна синоќа тие беа сведоци на тоа што може да се случи ако се наруши екосистемот.

Жителите на преспанското село Љубојно цела недела одржуваат протести и блокади на локацијата над селото на која е извршено масовно и прекумерно сечење на шумата, а доцна синоќа тие беа сведоци на тоа што може да се случи ако се наруши екосистемот.

„Сакам да Ве известам за сериозна нова состојба во Љубојно и Брајчино, која е директна последица од масовното сечење на шумите. Денес, по само еден час врнежи, огромна количина вода се слеа кон селото и го зафати просторот околу продавницата.

Она што до вчера беше шумска почва што ја впиваше и задржуваше водата, денес е гол терен кој дозволува неконтролирано надоаѓање на порој. Ситуацијата е алармантна – со секое ново сечење ја губиме природната заштита, а наместо шума, добиваме поплави и ризик по безбедноста на луѓето.

Ова е јасен сигнал дека уништувањето на шумите не е само еколошко прашање, туку и закана за самото постоење на селата. Ви се обраќам со надеж дека ќе ја подигнете свеста и ќе ја алармирате јавноста за да се преземат итни мерки“, велат жителите за „Фокус“.

Истите за „Фокус“ открија дека за време на протестот еден од учесниците добил казна од полицијата за наводно попречување на патот.

„За време на протестот беше изречена казна од страна на полицијата кон еден од учесниците, поради наводно попречување на патот. Според законот, доколку протестот е претходно најавен и полицијата е официјално известена, вакви казни не смеат да се изрекуваат. Ова остава простор за сомнеж во евентуална злоупотреба и неоправдано санкционирање на граѓаните кои мирно протестираат“, велат жителите.

Жител од ресенско доби парична казна од 300 евра за време на протестите против сечата на шумата кај селото Љубојно. Тој бил санкциониран бидејќи со товарно возило истурил земја на патот за да ги блокира камионите што ги транспортираат исечените дрва.

Жителите предупредуваат дека селото се соочува со еколошка и инфраструктурна катастрофа поради масовната сеча.

Откако започнаа протестите на 12 август, сечата е запрена. Сепак, од Владата реагираат дека сè се изведува по закон.

„Испочитувани се законската процедура и контролите со кои се гарантира дека шумата природно ќе се обнови“, велат од Владата.

Според нив, за сечата е ангажирана професионална лиценцирана фирма избрана на јавен тендер, а работите се вршат под стручен надзор на ЈП „Национални шуми“. Дрвата, како што информираат, се наменети за снабдување на локалното население со огревно дрво.