
Манасиевски: Партискиот интерес над државниот, Фрчкоски од „Еразмус+“ добил 200 илјади евра
Според Манасиевски, Фрчкоски, кој ВМРО-ДПМНЕ го нарекува „протеже на СДС“, добил грант во рамките на програмата „стратешко партнерство“ само два месеци по неговото назначување за ректор на еден од факултетите
ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со контраобвинувања за СДСМ, а во кои се вели дека партијата ја користела Националната агенција за европски образовни програми задолжена за „Еразмус +“, за да им додели грантови на свои партиски кадри.
На прес-конференција, членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, изјави дека Љубомир Фрчкоски добил грант од 200 илјади евра додека бил амбасадор во ОН во Њујорк.
Според Манасиевски, Фрчкоски, кој ВМРО-ДПМНЕ го нарекува „протеже на СДС“, добил грант во рамките на програмата „стратешко партнерство“ само два месеци по неговото назначување за ректор на еден од факултетите.
Како што тврди Манасиевски, тоа бил прв грант во историјата на факултетот.
„Скандалозно во грантот е тоа што проектот траел од 1 декември 2020 до 30 ноември 2023 година, а Фрчкоски е назначен за амбасадор на 20 април 2022 година. Тоа значи дека половина од овој проект тој го раководел како амбасадор на Македонија во ОН“, рече Манасиевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ упатија прашања како Фрчкоски го водел проектот додека бил амбасадор и кој го евалуирал проектот.
„Дали Агенцијата вршела контрола за неговото водење? Зошто проектот не бил прекинат кога Фрчкоски бил испратен на амбасадорска функција?“, се прашањата на кои Манасиевски побара одговори.
Тој го нарече случајот „школски пример за тоа како СДС раководеше со државата“ и ги обвини дека поднеле кривични пријави против училиштата по падот од власт за да го одвлечат вниманието и да ги прикријат ваквите грантови.
„Вистината излегува на виделина. Криминалот и корупцијата на СДС нема да останат скриени“, додаде Манасиевски.
Претходно денеска од СДСМ излегоа со обвинувања, тврдејќи дека злоупотребите на милиони евра од програмата „Еразмус+“ директно водат до владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ обвинува: Злоупотреби со европски пари од Еразмус+ поврзани со ВМРО-ДПМНЕ