
„Рајанер“ отвора нова база на аеродромот во Тирана со три авиони Боинг 737-800, инвестиција од 300 милиони долари
-Владините политики под раководство на премиерот Еди Рама ја намалија царинската такса од 10 евра на само 1 евро, што прави голема разлика во охрабрувањето на новите посетители да дојдат во Албанија. Но, за нас е важна и трансформацијата на аеродромот. До пролет 2026 година ќе биде завршено проширувањето на терминалот, со осум нови порти за качување, и без нив немаше да можеме да ја зголемиме активноста тука, изјавил О’Лири.
Најголемата европска авиокомпанија и најбрзо растечкиот превозник во Албанија, „Рајанер” ќе ја отвори својата прва база на аеродромот во Тирана во април 2026 година, објави Топ чанел.
-Ќе смести три авиони Боинг 737-800, што претставува инвестиција вредна 300 милиони долари. Со проектот предвидени се повеќе од три илјади работни места, вклучувајќи околу 100 нови, добро платени позиции за пилоти и кабински персонал, наведува телевизијата.
Во летната сезона наредната година, компанијата ќе има повеќе од 450 неделни летови од Тирана до вкупно 33 дестинации во 13 земји.
Предвидени се десет нови линии до Бирмингем, Даблин, Милано (Малпенза), Малта, Неапол, Пескара, Познањ, Трст, Торино и Верона. Компанијата, исто така, ќе го зголеми бројот на летови на девет постоечки линии, вклучувајќи ги Бари, Лондон, Прага, Стокхолм и Варшава.
Според извршниот директор на компанијата, Мајкл О’Лири, со отворањето на базата, компанијата планира да го зголеми својот капацитет на аеродромот во Тирана на околу четири милиони патници годишно.
-Владините политики под раководство на премиерот Еди Рама ја намалија царинската такса од 10 евра на само 1 евро, што прави голема разлика во охрабрувањето на новите посетители да дојдат во Албанија. Но, за нас е важна и трансформацијата на аеродромот. До пролет 2026 година ќе биде завршено проширувањето на терминалот, со осум нови порти за качување, и без нив немаше да можеме да ја зголемиме активноста тука, изјавил О’Лири.
Во текот на следните пет години, компанијата има намера да го зголеми бројот на авиони на шест, да отвори повеќе од 20 нови рути и да превезува над пет милиони патници годишно до 2030 година, под услов „да се одржуваат ниски такси и поволни услови за пристап”.
Телевизијата наведува дека ова ќе биде првата постојана оперативна база во Албанија, означувајќи нова ера во развојот на воздушниот транспорт на земјата и нејзината поврзаност со остатокот од Европа.