
(Видео) „Аљаска 2025“ – Трамп: Нема договор додека не постои вистински договор; Путин: Ова е почетна точка
Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Аљаска одржаа заедничка прес-конференција по повеќечасовни разговори за ситуацијата во Украина. Засега не е јасно дали разговорите доведоа до значајни чекори кон прекин на огнот во најсмртоносниот конфликт во Европа во последните 80 години – цел што Трамп јавно ја постави.
Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Аљаска одржаа заедничка прес-конференција по повеќечасовни разговори за ситуацијата во Украина.
Прв им се обрати новинарите Путин, а потоа Трамп. По кратките изјави, двајцата лидери не одговараа на прашања од медиумите.
„Ова е почетна точка од разговорите. Наредната средба нека биде во Москва,“ изјави Путин, додавајќи дека гледа напори од страна на Трамп да се најде решение за украинската криза.
Трамп истакна дека средбата била исклучително тешка, но и конструктивна:
„Многу тешки разговори имавме. Се согласивме по многу, многу точки“, рече Трамп на заедничката прес-конференција со Путин. „Би рекол дека има неколку големи прашања што сè уште не ги решивме, но постигнавме одреден напредок. Значи, нема договор додека не постои вистински договор“, рече американскиот претседател.
Тој нагласи и дека ќе се консултира со НАТО и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, на кого ќе му ги пренесе разговорите со Путин.
„Ќе го повикам НАТО за кратко време, ќе контактирам со различни луѓе кои ги сметам за соодветни, и секако, ќе го повикам претседателот Зеленски за да му го пренесам исходот од денешната средба. На крајот, тоа зависи од нив. Ќе треба да се договорат со она што Марко (Рубио) и Стив (Виткоф), како и некои од одличните луѓе од администрацијата на Трамп кои се тука – Скот (Бесент) и Џон Ретклиф – работат. Се радуваме на преговорите. Ќе се обидеме ова да го завршиме“, изјави Трамп. Најбитната работа е што имавме добар состанок. Се надевам дека повторно ќе се видиме“, додаде Трамп.
Засега не е јасно дали разговорите доведоа до значајни чекори кон прекин на огнот во најсмртоносниот конфликт во Европа во последните 80 години – цел што Трамп јавно ја постави, јавува Ројтерс.
Путин изјави дека очекува Украина и нејзините европски сојузници да ги прифатат резултатите од преговорите меѓу САД и Русија, и ги предупреди да не го „торпедираат“ напредокот кон решение.
Трамп и Путин, заедно со своите главни надворешнополитички советници, се сретнаа во просторија на воздухопловната база во Анкориџ, на Алјаска, на нивниот прв состанок од 2019 година. Зад нив стоеше сина позадина со натпис: „Стремеж кон мир“.
Главната цел на Трамп, според неговите јавни изјави, беше да обезбеди прекин на борбите и да го убеди Путин да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за директни преговори за крај на војната, која започна со руската инвазија во февруари 2022 година.
Состанокот започна во петок околу 11:30 по локално време (21:30 по централноевропско време) во базата Елмендорф, а заврши околу два часа и 45 минути подоцна.
Новинарите се собраа во прес-салата веднаш по објавата дека разговорите се завршени, очекувајќи ја заедничката конференција за медиумите на Трамп и Путин.
Трамп прв пристигна во базата Елмендорф со претседателскиот авион околу 10:20 по локално време, додека рускиот Илјушин со Путин слета околу 40 минути подоцна.
Трамп и Путин се ракуваа и одеа еден покрај друг по пистата, додека новинарите извикуваа прашања — меѓу нив и дали Путин ќе ги прекине нападите врз цивили или ќе прифати прекин на огнот. Не е јасно дали тие ги слушнаа прашањата.
Американски борбени авиони F-22 и бомбардер B-2 го надлетуваа подрачјето додека двајцата лидери се движеле по пистата.
Во изненадувачки потег, Путин му се придружи на Трамп во американската претседателска лимузина на патот кон местото на состанокот – чест што ретко ѝ се укажува на странски лидер.
Иако Трамп и Путин разговарале телефонски најмалку пет пати од јануари, состанокот во петокот е нивната прва средба лице в лице во вториот мандат на Трамп.
„Мислам дека сè ќе излезе многу добро, а ако не, ќе се вратам дома многу брзо“, изјави Трамп за Fox News за време на летот со авионот.
„Нема да бидам среќен ако заминам без некаква форма на прекин на огнот“, додаде тој.
„Ова денеска е всушност поставување на масата. Ќе имаме уште една средба ако работите одат добро – што ќе биде многу брзо – или воопшто нема да имаме повеќе состаноци. Можеби никогаш.“
Оваа средба е означена како историска и се гледа како можен нов почеток на преговорите околу прекинот на огнот и мировниот процес во Украина.
(Видео) „Ќе запирате ли со убивање цивили?“ – прашање до Путин пред почетокот на разговорите