
Најдовски: Разрешувањето на Лозановска е законски; Адвокатот на директорката – градоначалникот им покажа среден прст на ДИК и ДКСК
Ова решение кое јас го добив од просветен инспектор е за големи нерегуларности во однос на извршување на наставниот процес во самото училиште, вели градоначалникот на Демир Хисар
Градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски вели дека процесот на разрешување на директорката Маја Лозановска во СОУ „Крсте Петков Мисирков“ е законски и врз основа на решение добиено од Државен просветен инспекторат по утврдени низа нерегуларности во однос на извршување на наставниот процес во самото училиште.
-Овој процес е чисто законски и е врз основа на решение добиено од Државен просветен инспекторат, во коешто јас се задолжувам веднаш и без одлагање да ја разрешам директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар. Исто како што предвидува законот постапив веднаш, изјави Најдовски, во гостување на телевизија Сител.
Најдовски посочи дека по однос на финансиските нерегуларности против директорката Лозановска се води друг случај, додека во врска со овој случај, истата е разрешена по утврдени низа нерегуларности во однос на извршување на наставниот процес во училиштето.
-По однос на финансиските нерегуларности, против директорката се води друг случај, а овој случај, односно ова решение кое јас го добив од просветен инспектор е за големи нерегуларности во однос на извршување на наставниот процес во самото училиште. Се доставува решение во коешто се констатира дека не се остварени 158 наставни часа од годишниот фонд за редовна настава во училиштето, што значи дека по неколку наставни предмети учениците воопшто и не одржувале настава. Не се одржува дополнителна настава по 16 наставни предмети во две паралелки во учебната 2023/2024 година, појасни Најдовски.
На изјавата на Најдовски дека изборите не го спречуваат разрешувањето на директорката реагираше адвокатот на Лозановска. Тој на Фејсбук напиша:
Не знам дали ДИК и ДКСК ги следеа вечерните вести на Сител ТВ, но топло им препорачувам да ги видат, затоа што во вестите имаше гостин Градоначалник кој по однос на можноста за именување/разрешување на директор на училиште и училишен одбор по распишување на изборите им покажа среден прст, т.е дека законот за него не важи.
-ДКСК ќе го разгледува овој случај, но поради одлуката, изборот на претседател на ДКСК да се одложи по завршување на изборите изгледа ќе треба да сочекаме. За ДКСК важи забраната за избор/ разрешување на функции по распишани избори и затоа не избраа претседател на ДКСК, ама за градоначалникот на Демир Хисар очигледно не важи.
-Среќа е да не те интересира:)
Инаку градоначалникот на Демир Хисар ја очекува одлуката на претседателот и на ИК на ВМРО ДПМНЕ и на овие избори да трча за нов мандат на градоначалник. Тој не сакаше да ја коментира драмата на началникот на полицијата кој ја направи во и пред домот на Лозановска во вечерните часови со закана дека ќе ја приведе ако требе и на носилка ќе ја однесе на распит во полиција уште вечерта. МВР реагираше утредента со соопштение дека е суспендиран и е на дисциплинската комисија за пречекорување на службените овластувања.