
„Волстрит џурнал“: Финска како мост меѓу Трамп и Европа за преговорите за Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп и финскиот претседател Александар Стуб развија „неочекувано блиска врска“ во однос на пристапот кон војната во Украина и редовно комуницираат надвор од работното време, објави „Волстрит журнал“ повикувајќи се на разговор со финскиот лидер.
Американскиот претседател Доналд Трамп и финскиот претседател Александар Стуб развија „неочекувано блиска врска“ во однос на пристапот кон војната во Украина и редовно комуницираат надвор од работното време, објави „Волстрит журнал“ повикувајќи се на разговор со финскиот лидер.
Според весникот, Стуб се етаблира како клучен неформален канал меѓу европските престолнини и Вашингтон, пренесувајќи му на Трамп ставови на европските партнери и Киев, истовремено објаснувајќи им ги на европските лидери позициите на Трамп. Блиската соработка меѓу двајцата претседатели е резултат на повеќе разговори и директна комуникација, што ја зголеми тежината на проценките на Стуб пред дипломатските активности поврзани со Украина, посочува весникот.
Финскиот претседател во неколку наврати истакна дека наредните денови и недели можат да бидат клучни за исходот од војната, особено во пресрет на планираната средба меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Оваа оценка доаѓа по серија разговори меѓу Вашингтон, Киев и европските престолнини за можни чекори кон примирје и политички процес.
Пред средбата меѓу Трамп и Путин, закажана за утре, американскиот претседател ја предупреди Москва на „сериозни последици“ доколку не покаже подготвеност за ставање крај на конфликтот.
Европските лидери, пак, нагласија дека одлуките за Украина не можат да се носат без учество на Киев.
Иако деталите за потенцијалните предлози не се официјално објавени, членки на ЕУ потенцираат дека не се разгледуваат планови за територијални отстапки од страна на Украина, додека Киев инсистира на вклученост на украинското раководство во секое дипломатско решение.
Финска, која неодамна стана членка на НАТО, традиционално одржува прагматичен пристап кон безбедносните прашања во регионот на Балтикот и Северна Европа. Во овој контекст, зголемената улога на Стуб во комуникацијата со Вашингтон и европските лидери се гледа како обид за зачувување на единството на Западот во пресрет на чувствителните преговори за Украина, пишува „Волстрит џурнал“.