
(Видео) Мицкоски: Рамковниот договор 24 години потоа донесе мир и стабилност
Рамковниот договор е потсетник на една длабока вистина – дека државата ја имаме само ако ја чуваме заедно, по пат на дијалог, на компромис и заедништво, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на свечената седница по повод одбележувањето на 24-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.
Рамковниот договор е потсетник на една длабока вистина – дека државата ја имаме само ако ја чуваме заедно, по пат на дијалог, на компромис и заедништво, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на свечената седница по повод одбележувањето на 24-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.
„Летото 2001 беше едно од најтешките во нашата понова историја. Нашата татковина беше разнишана од конфликт, од страв, од неизвесност. Имаше мигови кога изгледаше дека ништо нема да остане исто, дека патот кон пропаст е неизбежен. Но, тогаш, со храброст, со трпение и со визија, избравме пат на мир. Избравме пат на дијалог, на компромис, на заедништво. За овие работи треба да се зборува отворено и без ракавици. Дали Македонците беа најсреќни со потпишување на Рамковниот договор? Убеден сум дека тоа не е така. Чувство на огорченост, гнев. Веројатно такво било чувството и кај Албанците. Системски и тешки реформи, менување на Уставот во услови на воен конфликт. Но, да зборуваме отворено, Рамковниот договор 24 години потоа донесе мир. Донесе стабилност и обезбеди зачувана унитарност на Македонија“, рече Мицкоски.
Според него, Рамковниот договор не е само лист хартија туку е симбол на зрелост, на храброст и на мудрост. Според Мицкоски, договорот е потсетник дека, колку и да се разликуваме по јазик, вера, култура или етничка припадност – сите ние делиме една историја и една заедничка иднина.
„Денес не живееме во 2001-та. Но денес, исто како и тогаш, сме пред избори – не избори на хартија, туку избори во срцето и умот. Ќе дозволиме ли повторно да се појават ѕидови меѓу нас? Ќе се препуштиме ли на поделби и недоверба? Или ќе го избереме патот кој тогаш го избравме – патот на заедништво, на почитување, на љубов кон татковината и меѓусебно разбирање?“, праша Мицкоски.
Премиерот кажа дека Рамковниот договор бил и уште е злоупотребуван од поединци.
„Над 20 години имавме структури кои го користат национализмот како најдобра прекривка за заштита на криминалот и личните интереси. Впрочем таквиот национализам е последното прибежиште на оние кои направија кариери, стекнаа огромен капитал на грбот на народот кој го делат, и врз чии поделби опстојуваат во политиката. Со една рака пишуваат и делат во каков свет ќе се живее. Со другата, ја крадат земјата, стекнуваат имоти, хотели, трговски центри, скапи возни паркови. И не им пречи бојата на парите. Таквите поделби не ги решаваат проблемите на реалните луѓе кои бараат само едно, подобар живот за себе. Како политичар не познавам ваков или таков, мал или голем свет, туку само еден свет- Македонија, дом на сите нејзини граѓани каде имаме обврска сите да обезбедиме подобра иднина за сите нејзини граѓани“, рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека оваа влада преку носењето на законот за правична застапеност ја исполнила и последната обврска и нема повеќе отворени прашања во овој поглед.
„Како затворено поглавје, Рамковниот договор останува да сведочи за потребата за обединување и интегрирање во исполнувањето на заедничките цели“, рече Мицкоски.