Уапсен скопјанец што фрлал камења кон полициски хеликоптер додека полнел вода за гаснење пожар

Инцидентот се случил на 6 јули годинава додека хеликоптерот бил вклучен во гаснење на пожарот во близина на Блаце.

Скопјанецот И.А. (55) е лишен од слобода поради сомнение дека ја загрозил безбедноста на полициски хеликоптер кој полнел вода за гаснење пожари, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР). Инцидентот се случил на 6 јули годинава додека хеликоптерот бил вклучен во гаснење на пожарот во близина на Блаце.

Според полициските информации, хеликоптерот „бел 412“ се подготвувал да наполни вода на местото каде што реката Лепенец се влева во Вардар. Пилотите забележале лице што влегло во коритото на Вардар и мавтало со рацете. Лица што биле присутни на местото ја известиле полицијата дека лицето И.А., фрлало камења кон хеликоптерот. Поради ова, пилотите биле принудени да го променат местото за полнење вода бидејќи нивната безбедност била сериозно загрозена.

Вчера полициски службеници од станицата Карпош го пронашле и го уапсиле И.А.

Од МВР велат дека по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за сторено кривично дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, казниво според член 303 од Кривичниот законик.