МЗ: Две комисии утврдија неправилности во работењето на Стоматолошката комора

„Потенцираме дека по извршениот надзор на првата комисија, формирана во 2024 година, воопшто не е постапено по препораките, односно во целост се неточни тврдењата дека комисиите ’немаат утврдени неправилности во кој било сегмент од работењето во Комората’, додека втората комисија веќе дава јасни насоки до МЗ за утврдените неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат“, велат од Министерството за здравство.

Министерството за здравство имаше формирано две комисии за надзор над законитоста на работата на Стоматолошката комора и во двата случаи се констатирани неправилности, по што е укажано во законски рок да се отстранат, но не е постапено, велат од ресорното министерство.

Одлуката за преземање на надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора, како што се посочува во реакцијата на Министерствотo, била донесена по сеопфатна анализа.

„Потенцираме дека по извршениот надзор на првата комисија, формирана во 2024 година, воопшто не е постапено по препораките, односно во целост се неточни тврдењата дека комисиите ’немаат утврдени неправилности во кој било сегмент од работењето во Комората’, додека втората комисија веќе дава јасни насоки до МЗ за утврдените неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат,“ велат од МЗ.

Од Министерството додаваат и дека врз основа на утврдената фактичка состојба, по разгледување на содржината на извештаите и доставената документација како и одлуката од Уставниот суд од 15.05.2024, министерот за здравство одлучи времено да ги преземе надлежностите за лиценцирање, се додека не се воспостави систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално.

Реакцијата следува по денешната прес-конференција на претседателот на Стоматолошката комора, Марјан Денковски, кој кажа дека биле спроведени неколку надзори, но дека немало констатирани неправилности во работењето.

Стоматолошка комора: Имавме неколку контроли, не беа констатирани неправилности

Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора. Тој потенцира дека надзорот детектирал сериозни пропусти, како едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците.

Министерството за здравство ја презема контролата врз лиценцирањето на стоматолозите заради сомнежи за злоупотреби