ДКСК потсетува на забраните за вработувања и за трошењето буџетски пари пред локалните избори

Меѓу нив е забраната за започнување нови инвестиции во инфраструктурни и објекти за општествени дејности, освен ако средствата се предвидени во буџетот и програмата за тековната година. Во овој период не е дозволено вршење вонредни исплати на плати, пензии, социјална помош и други надоместоци што не се редовни месечни исплати, како и започнување постапки за нови вработувања или отпуштања, освен во итни и неодложни случаи. Како што се наведува, забрането е и користење пари од анонимни или незаконски извори за финансирање на кампањата, како и користење државен или општински имот и средства за политички цели.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска ги потсети сите државни институции, политичките партии, учесниците во изборниот процес и јавноста на законските ограничувања за користење и располагање со буџетски средства во периодот пред претстојните локални избори.

Според соопштението од ДКСК, од денот на распишување на изборите, па до нивното завршување и конституирањето на општинските совети и Советот на Град Скопје, важат повеќе забрани.

Меѓу нив е забраната за започнување нови инвестиции во инфраструктурни и објекти за општествени дејности, освен ако средствата се предвидени во буџетот и програмата за тековната година. Во овој период не е дозволено вршење вонредни исплати на плати, пензии, социјална помош и други надоместоци што не се редовни месечни исплати, како и започнување постапки за нови вработувања или отпуштања, освен во итни и неодложни случаи.

Како што се наведува, забрането е и користење пари од анонимни или незаконски извори за финансирање на кампањата, како и користење државен или општински имот и средства за политички цели.

Законската рамка предвидува и забрана за поткуп на гласачи, како и за вршење притисок или заплашување врз нив. Од дваесет дена пред почетокот на кампањата, забрането е одржување јавни настани за започнување или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни средства.

Исто така, не смее да се користи канцелариски простор и службени возила на државни органи, освен за службеници со посебни прописи за заштита на личноста, а јавните институции се должни да достават податоци за моторните возила со кои располагаат.

Министерството за финансии, во овој период, е обврзано јавно да ги објавува сите буџетски исплати, освен редовните, и да поднесе предизборен финансиски извештај со преглед на приходите и расходите од почетокот на фискалната година до денот на извештајот.

ДКСК најави дека ќе го следи целокупниот изборен процес и ќе реагира при сомневања за прекршување на законот, за што ќе ги известува надлежните органи.

Во соопштението од ДКСК, е наведено дека комисијата ја охрабрува јавноста, медиумите и здруженијата навремено да пријавуваат евентуални прекршувања на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и Изборниот законик.