ДИК ќе прифаќа независни кандидатури за локалните избори без граѓански потписи, дообјасни Кондарко

Според Кондарко, доколку пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ВЛЕН и ДУИ и понатаму не ги донесат потребните измени на Изборниот законик, ДИК ќе донесе упатство за кандидирање на независните без собирање потписи.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко вели дека во Изборниот законик е дадено правото на независни кандидати и листи да учествуваат на локалните избори, односно во Изборниот законик тие се именувани како „група избирачи“.

„Правото на учество на ‘група избирачи’ е дадено директно со закон и за тоа Комисијата нема зошто да одлучува, туку ќе го примени член 60 од Изборниот законик“, вели Кондарко во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Според Кондарко, доколку пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ВЛЕН и ДУИ и понатаму не ги донесат потребните измени на Изборниот законик, ДИК ќе донесе упатство за кандидирање на независните без собирање потписи. На тој начин, независните кандидати нема да бидат принудени да формираат партии за да учествуваат на изборите, ако не сакаат.

„Останува да се види дали пред почетокот на законскиот рок за собирање потписи (10 дена по распишувањето избори), Собранието ќе ги донесе измените на Законикот со кои ќе се определи бројот на потребни потписи. Ако не ги донесе, ДИК ќе го прецизира Упатството за поднесување на листи во смисла на примена на член 60 без собирање потписи“, додава Кондарко.

Дообјаснувањето на Кондарко доаѓа откако дел од организациите меѓу кои и „Зелен хуман град“ најавија дека го продолжуваат процесот на собирање потписи за формирање политичка партија.

Горјан Јовановски од ЗХГ вели дека право на автентично толкување има само Собранието, а не и ДИК. Тој стравува дека се можни нови, како што ги нарекува, бирократски лавиринти кои би имале за цел да им оневозможат на независните листи да учествуваат на претстојните локални избори.

Според Јовановски, пред еден месец ДИК ги известила независните кандидати дека нема право да го толкува законот и ќе чека автентично толкување од Собранието. Меѓутоа, како што вели Јовановски, сега претседателот Кондарко се појавува со ново толкување, иако Собранието сè уште нема дадено официјално толкување.

„Тоа е големиот проблем, институциите во 5 до 12 прават нови бирократски лавиринти со цел ние, како ‘Зелен хуман град’, и другите независни да не можеме да се кандидираме на овие локални избори знаејќи ја опасноста што ја имаат од нас“, истакна Јовановски.

Затоа, вели Јовановски, тие продолжуваат со процесот на формирање партија за да не се најдат во ситуација во која повторно во последен момент ќе се појави некое ново правило или ќе се изгласа некоја нова измена на Изборниот законик за да не може да настапат на изборите.

Кондарко, во саботата во изјава што ја даде по усвојувањето на роковите за локалните избори, рече дека на нив ќе може да учествуваат и независни кандидати за градоначалници и листи за советници.

Кондарко, повикувајќи се на членот 60 од Изборниот законик, рече дека ДИК нема право никому да му го ускрати законското право за учество на избори.

Тој ова го кажа давајќи појаснување на еден од заклучоците усвоени на седница на ДИК, со кој надвор од сила се става Правилникот на ДИК за регулирање на постапката за собирање потписи.

Ставањето вон сила на ваквиот правилник, како што рече Кондарко, е согласно одлуката на Уставниот суд со која се укинаа членовите 61 и 62 од Изборниот законик со кои се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните кандидати за градоначалници и листи за советници за учество на изборите.

Член 60 став 1 од Изборниот законик, на кој се повикува Кондарко во својата изјава, гласи:

„Право да поднесат листа на кандидати за пратеници, листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник имаат регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи.“