Министерот за надворешни работи, Бујар Османи информираше дека телата на македонските граѓани кои го загубија животот во страшната автобуска несреќа во близина на Перник, во Бугарија во петок ќе бидат пренесени во земјава.
„По остварениот разговор со бугарскиот обвинител од Софија, надлежен за трагедијата од 23. ноември, господин Сарафов, сакам да ја информирам јавноста дека е донесена одлука за предавањето на телата на нашите сограѓани кои ги загубија животите во трагичната несреќа во четврток, 2. декември. Владата на Р. Бугарија го прифати нашето барање преносот од Софија до Скопје да се изврши со авион на Р. Бугарија, додека од Меѓународниот аеродром Скопје, преку организиран државен протокол истиот или наредниот ден петок 3. декември, останките ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови“ напиша Османи на Фејсбук.
Министерот Османи вели дека останува во блиска комуникација со семејствата на настраданите за останатите детали.