
Мицкоски не го забележал, но го осуди ксенофобичното скандирање на натпреварот во Куманово
Премиерот Христијан Мицкоски денес остро го осуди скандирањето на натпреварот Македонија-Романија во Куманово од страна на неколкумина присутни во салата и посочи дека навивачките групи треба да ги бодрат своите тимови, без навредливи и ксенофобични пораки.
Премиерот Христијан Мицкоски денес остро го осуди скандирањето на натпреварот Македонија-Романија во Куманово од страна на неколкумина присутни во салата и посочи дека навивачките групи треба да ги бодрат своите тимови, без навредливи и ксенофобични пораки.
-Во текот на вчерашниот ден кошаркарската федерација и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата. Искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе.
Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го подржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа, вели Мицкоски.
„Уште еднаш да повторам апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина кои што не наидоа на поддршка од страна на ниту еден од присутните во салата“, додаде премиерот.
Претходно од настанот се огради и Општина Куманово.
„Општина Куманово јавно ги осудува ваквите скандирања и се оградува од истите во својство на домаќин на настанот. Куманово било и ќе биде град на сите негови жители без разлика на нивната етничка припадност, а спортот и културата ќе ги користи да ги обединуваат граѓаните како и до сега“, стои во реакцијата од кабинетот на градоначалникот.
Оттаму додаваат дека натпреварот поминал во позитивна атмосфера – убава и одамна незабележана слика во македонскиот спорт.
„За жал, ден подоцна воочивме дека на натпреварот во еден момент од одредени поединци во публиката има скандирање на неприфатливи пароли со кои се подгрева етничка нетрпеливост во општина која се темели на мултиетнички вредности“.
Инцидентот се случи по пуштањето во употреба на реконструираната спортска сала на натпреварот на кошаркарските репрезентации на Македонија и Романија. Недоличното скандирање го осудија и МКФ, политички партии, граѓани. Обвинителството отвори постапка за да истражи дали имало говор на омраза.