
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во честитка по повод Илинден вели дека Албанците се определени за унитарна и заедничка Северна Македонија – праведна и еднаква за сите, партнер во НАТО и идна членка на Европската Унија.
Но, посочува тој, денес, 2 август нè наоѓа не заедно, туку едни наспроти други, со тенденции за маргинализација и наметнување на етничка супремација.
„По децении придонес за еднаквост и праведна поделба на одговорностите, денес се множиме со нула во спроведувањето на владините политики, во вработувањата, дипломатијата, безбедноста, културата, здравството, образованието, економијата, европската интеграција, и насекаде.
Охридскиот договор, кој претставува модерен Крушевски манифест, се обидуваат да го укинат, преку исклучување на албанскиот јазик од службена употреба, преку селективна и политички диригирана правда, преку отстранување на албанското национално знаме, преку укинување на Бадентеровото мнозинство и балансерот како механизми против мнозински диктат, непризнавање на резултатите од пописот, и промовирање на државни политики базирани на моноетничката доктрина – ‘повторно твоја’.
Ова опасно отстапување од манифестот на заедништвото од пред 122 години и во пресрет на 24-годишнината од Охридскиот договор, е резултат и на поданичкиот однос на една мала група Албанци – без амин од народот, без знаење и храброст за управување, без програма и без рбет да предводат, туку со единствена мотивација на слепата желба за власт, седнување во фотелји што им ги обезбеди падронот, а не народот преку демократски избори“, вели Ахмети.
Тој вели дека Албанците се за заедничка држава, а се друго е пропаганда за поделби и владеење преку како што вели тој, инсталирање на лажен страв кај граѓаните.
„Да се почитуваме меѓусебно, да се вреднуваме, да работиме за еднаквост и заедништво, и да престанеме да го третираме овој дом како ‘твој’ или ‘мој’, туку како наш“, вели Ахмети.
Со низа свечености и манифестации денеска се одбележува 122 годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република и 81 година од Првото заседание на АСНОМ.