
Сиљановска-Давкова: Илинден е сржта на македонската историја, срцето на македонската република, душата на македонската државност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, упати честитка до граѓаните со порака дека Илинден од 1903-та и асномскиот од 1944. се сржта на македонската историја, срцето на македонската Република, душата на македонската државност.
-Илинден е сржта на македонската историја, Илинден е срцето на македонската република, Илинден е душата на македонската државност, Илинден е тежок и прекрасен ден, ден на неизмерна тага и радост, но и ден на болка и гордост! 2 Август е денот на двата Илиндена: Крушевскиот којшто ја роди идејата за Републиката и асномскиот којшто ја оживотвори. Првиот беше искра, вториот пламен, првиот беше ослободителен крик и херојска епопеја, вториот беше државна конституција по победа, вели Сиљановска-Давкова.
Првиот, се додава во честитката, посеа републиканско семе, вториот ја собра жетвата на Народноослободителната борба.
-Илинден е приказна што тече, се пишува и допишува со крв и солзи, порази и победи. Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува. Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа. Илинден е пример за обединување заради заедничка цел и општо добро. Илинден е ден на тивка заклетва пред Никола, Питу, Даме, Гоце… и пред мноштвото знајни и незнајни борци, дека она што го сториле за нас, несебично вградувајќи се во темелите на македонската државност, никогаш нема да го заборавиме и засрамиме. Драги потомци на славните илинденци, наследници на нивната визија, храброст и неизмерна љубов кон татковината, од срце ви го честитам Илинден, празникот над празниците. Нека е вековита македонската република! Нека ни е вечен Илинден!, порача во честитката претседателката Сиљановска-Давкова.
Гаши: 2 Август е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество, темелни вредности на нашето заедништво
Претседателот на Собранието Африм Гаши, во име на пратениците и Собранието на Република Северна Македонија, упати најискрени честитки по повод 2 Август – Денот на Републиката.
-Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество, вредности што денес претставуваат темел на нашето заедништво и на институциите на државата. Оваа дата не е само дел од историјата на државата, туку и обврска да ја зачуваме и понатаму да ја унапредуваме визијата за современа држава насочена кон мир, напредок и евроатлантска интеграција. Нека овој ден биде поттик за размислување за заедничкиот пат што го изградивме како држава и како општество, како и за понатамошно охрабрување на меѓусебното разбирање, соработка и посветеност кон доброто на татковината, без разлика на етничките, верските или политичките разлики, стои во честитката од претседателот на Собранието Африм Гаши.
Мицкоски: Илинден е темелот врз кој се изгради современата македонска државност, Илинден е вистината за Македонија која живее
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски упати честитка до граѓаните по повод 2 Август – Денот на Републиката, Илинден.
-Илинден е темелот врз кој се изгради современата македонска државност. Илинден е вистината за Македонија која живее. Тоа не е само историја – тоа е жив идентитет, потсетник на стремежот за слобода, правда и сопствена држава. На овој ден се сеќаваме на храброста и жртвата на оние кои ја започнаа нашата борба за самостојност и достоинство, се наведува во честитката од премиерот Мицкоски.
Тој стремеж денес е остварен, но не и завршен, се додава.
-Затоа, Илинден не е само повод за чествување, туку и за одговорност. Одговорност што ја имаме како народ и граѓани, но особено како институции, да го продолжиме патот започнат во Крушево и потврден во АСНОМ, со работа, чесност и грижа за иднината, се посочува во честитката од премиерот.
Како Влада, се додава понатаму, свесни сме дека довербата на граѓаните е обврска што се оправдува со резултати. Затоа сме посветени да ја направиме Македонија држава на можности – праведна, безбедна и просперитетна, со силни институции што ќе бидат на страната на граѓаните.
-Оваа генерација политичари има должност да покаже дека може подобро. И ќе покаже! Илинден нè обединува околу идејата за држава што ги надминува поделбите. Да извлечеме сила од историјата и да ја претвориме во иднина. Да ја продолжиме борбата, но со знаење, визија и одговорност. Нека е вечен Илинден! Нека е жива и вечна Македонија!, порачува премиерот во честитката објавена на неговиот фејсбук профил.