„Би-би-си“ јавува дека во Украина започнува прво судење за воено злосторство на руски војник во Киев.
21-годишниот Вадим Шишимарин е обвинет за убиство на невооружен цивил во првите денови од руската инвазија на Украина. Тој може да добие доживотен затвор.
Обвинителите тврдат дека Шишимарин бил во украдено возило со други војници во североисточниот регион Суми, кога наишле на 62-годишен велосипедист, кој држел мобилен телефон. Наводно, на Шишимарин му било наредено да пука во цивилот, со цел да го спречи да ја открие нивната локација на украинските бранители.
„Со ова прво судење, праќаме јасен сигнал дека секој извршител, секое лице што наредило или помогнало во вршење на злосторство во Украина, нема да избегне одговорност“ – изјави главната обвинителка, Ирина Венедиктова.