Ленче Ристоска: Два месеци ме клеветеа и укажуваа дека треба да ја повлечам кандидатурата

Обвинителката Ленче Ристоска вели дека два месеци била под притисок да ја повлече кандидатурата за судија во судот во Стразбур, додека истовремено се одвивала „клеветничка кампања“ против неа.

Обвинителката Ленче Ристоска вели дека два месеци била под притисок да ја повлече кандидатурата за судија во судот во Стразбур, додека истовремено се одвивала „клеветничка кампања“ против неа.

Таа ја сподели својата реакција на Фејсбук, откако Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати за судии во Стразбур, на која два месеци работеше комисија формирана токму од Владата.

„Со оглед дека Владата одбива да даде појаснување за тоа кои критериуми не ги исполнуваме како кандидати, што е спротивно на препораките на Советот на Европа, сакам да појаснам неколку работи.

-Последниве два месеци имав укажувања дека треба да ја повлечам мојата кандидатура за судија во судот во Стразбур, а во исто време во јавноста се одвиваше и клеветничка кампања против мене. Затоа и потегот на Владата за неприфаќање на листата за мене беше очекуван, само формата како Владата ќе се обиде да ги прекрши процедурата и препораките на Совет на Европа за избор на кандидати за судии, но и насоките што самата Влада ги дала на Комисијата во решението за нејзино формирање беше неизвесна.

-Неиздржаноста на одлуката на Владата може да се насети од општата формулација за неприфаќање на листата, од нетранспарентноста и одбивањето да се дадат конкретни информации за критериумите кои наводно кандидатите не ги исполнуваат.

-Според препораките на Советот на Европа, постапката мора да биде извесна и однапред пропишана, фер и транспарентна. При вакви услови сосема е нормално и прифатливо и да не сте најдобриот кандидат и да не ја добиете позицијата за која аплицирате.

-Најповикани и најстручни да ги оценат кандидатите во рамки на националната селекција се Комисијата која беше формирана со оваа цел, како и советодавното тело на Советот на Европа, кои токму затоа се дел од процесот за предлагање на кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права, а Владата согласно препораките на Совет на Европа мора да го оправда секое отстапување од листата утврдена од Комисијата“, напиша обвинителката на Фејсбук.

Откако Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати, одлучи да се формира и нова комисија.

Инаку, секоја земја членка на Советот на Европа има резервирано судиско столче во Судот за човекови права во Стразбур. Постапката како се избира тој судија, низ годините еволуира.

За да се спречи политичкото влијание, државата предлагач прво спроведува внатрешна процедура по која предлага тројца кандидати, чии квалитет и начин на кој се избрани ги разгледува панел во Советот на Европа, кој може да постави дополнителни прашања, да ја врати листата назад ако предлозите не се добри или, пак, да проследи дел или сите кандидати за избор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Македонската влада ја почна постапката за избор на кандидати за судија во Стразбур во првото тримесечје од годинава, затоа што во февруари следната година истекува мандатот на актуелниот македонски судија во Стразбур, Јован Илиевски.

Тој е поранешен шеф на ОЈО за ГОКК, универзитетски професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и баџанак на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Освен Ристоска, другите двајца кандидати беа судијката од Апелацискиот суд, Габриела Гајдова, и адвокатот Јордан Апостолски.