Стоилев: Голем интересот за ИПАРД 3

Во интервју за МИА, Стоилев нагласува дека Агенцијата спроведува редовни контроли на исплатените субвенции. Тоа, вели, ги намалило неусогласеностите и обидите за стекнување поддршка со измама или лажно декларирање. Надградувањето на Секторот за теренска контрола ќе продолжи за да се заштити Буџетот и наменски да се користат финансиските средства.

Пријавуваат едно во бизнис планот, но кога доаѓаат кај нас, констатираме нешто сосема друго – плус објект или дејност што нема никаква врска со онаа за која аплицираат. Таквите документи ги дисквалификуваме и тука нема компромис. Објаснуваме дека не смее да се отстапува од критериумите пропишани со огласот, даваме совети, консултации. Мора да се научиме како да работиме, да се држиме до строго утврдените правила и да ги почитуваме, порачува Илија Стоилев, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) која има клучна улога во распределбата на државната поддршка и средствата од ИПАРД.

Во интервју за МИА, Стоилев нагласува дека Агенцијата спроведува редовни контроли на исплатените субвенции. Тоа, вели, ги намалило неусогласеностите и обидите за стекнување поддршка со измама или лажно декларирање. Надградувањето на Секторот за теренска контрола ќе продолжи за да се заштити Буџетот и наменски да се користат финансиските средства.

Според Стоилев, годинава Буџетот на Програмата за земјоделство е 7,2 милјарди денари, а од ИПАРД 3 се очекуваат уште околу 8 000 000 евра. Интересот за ИПАРД е голем и до крајот на 2026-та договорите ќе достигнат 20 милиони евра.

Тој ги потенцира и новините – за мерките за растително производство по обработлива земјоделска површина прв пат оваа година се воведува т.н. геопросторно барање за да се елиминираат разликите од декларираните површини до констататираните при извршените контроли, напуштен е веќе стариот начин на алфа-нумеричко поднесување барања. Кај ИПАРД 3, пак, прв пат е воведена можноста за авансно плаќање до 50 отсто од вредноста на инвестицијата до обезбедена банкарска гаранција од 110 проценти.

-Во пресрет на жетвата, кога откупната цена на житата е најниска, ќе извршиме исплата за одгледувачите на говеда и овци со цел тие навреме и по најповолна цена да обезбедат храна за добитокот. Земјоделците ги добија субвенциите за говеда во износ од околу 340 милиони денари, за заклано јагне во кланица како и за дополнителни директни плаќања за производителите на поледелски култури кои оствариле повисоки приноси во износ од околу 266 милиони денари. Сега се исплатени производителите на јаболка и подготвени се исплатите за предадени градинарски култури во преработувачки капацитети и за произведено ио предадено млеко за прв квартал за 2025 година. ефикасноста во исплатите во наредниот период очекуваме да се подобри затоа што менаџирањето со самите исплати значително е подобрено и немаме заостанати исплати, затоа бараме разбирање и трпение од страна на земјоделците, нагласува директорот.

Стоилев е дециден дека нашиот земјоделец може да одговори на барањата на домашниот потрошувач.

-Македонскиот аграр треба да биде сериозно и навремено поддржан финансиски за производството да биде континуирано, а производите следливи со квантитет и квалитет за да ги задоволи потребите од храна за домашното население, смета првиот човек на Платежната агенција.

Информира и дека е во тек ИПАРД 3 програмата за која досега се објавени четири јавни повици, а до крајот на годината треба да бидат објавени уште два.

-Имаме голем интерес за користење на средствата, но и повеќе предизвици кои ни ги остави претходниот менаџмент во АФПЗРР. Иако преземал обврски пред авторитетите од ЕУ да акредитира три нови мерки од ИПАРД 3 Програмата, до моето стапување на должноста директор на АФПЗРР немаше никаква активност во таа насока. Но, ние не чекавме, не баравме изговори и преземавме конкретни чекори. Изготвивме процедури за новата мерка – јавна рурална инфраструктура и во напредна фаза се процедурите за мерките ЛИДЕР и Агроеколошки мерки. Значително е подобрена динамиката и ефикасноста на исплатата на средствата. Сега јас лично, како директор, ги потпишувам решенијата и договорите во присуство на апликантите. Разговарам со нив за начините како да ги подобриме условите за пристап до финансиските средства преку намалување на времетраењето на процесот од аплицирање до исплата, објаснува Стоилев.

Интервјуто со директорот на Платежната агенција Стоилев ќе биде објавено утре.