Кога непријателот доаѓа на помош

Шпекулацијата на еден бугарски медиум дека премиерот Мицкоски наводно аплицирал за бугарско државјанство во 2008, беше неочекуван дар за македонските патриоти, можност пак да се врати приказната за домашните „предавници“.

Лани, во септември 2024 година, вицепремиерот Александар Николоски, во интервју за Канал 5 тврдеше дека Албанија никогаш нема да стане членка на ЕУ. Тој тогаш како со нострадамуско претчувство рече дека тој е првиот што изјавил оти Македонија ќе биде заедно со Албанија во пакет на патот конЕУ.

„Првично реков дека ќе ги обединат Македонија и Албанија врз основа на договор меѓу Бујар Османи и тогашното МНР на Албанија. Тогаш никој не веруваше, дури и владата испрати известувања дека тоа е научна фантастика. Таа научна фантастика стана вистина и се приклучивме на Албанија.

Сега изјавувам дека Албанија никогаш нема да стане членка на ЕУ. Не поради Албанија, туку поради позициите на Европската унија“, рече Николоски.

Ако Николоски има такви нострадамуски способности изгледа нејасно зошто Албанија ги отвора поглавјата во преговорите со ЕУ, откако еден месец по оваа изјава на вицеопремиерот Тирана беше одвоена од Скопје и го почна ракетниот пробив низ преговорите. И зошто албанскиот премир Еди Рама е толку оптимистичен за иднината на неговата земја во ЕУ.

Па дури и непримерно Рама дава изјави како „Албанија не запира“, објавувајќи во четвртокот дека за време на данското претседателство неговата земја ќе го отвори последното поглавје, што ги вклучува земјоделството и кохезијата. Рама се повикуваше на заклучокот на амбасадоротите на земјите-членки да го овласти данското претседателство да ја покани Албанија да ја презентира својата преговарачка позиција за шестото поглавје. Се очекува шестата меѓувладина конференција да се одржи на почетокот на септември за да се означи последниот официјален чекор за отворање на сите поглавја со цел полноправно членство на Албанија во 2030 година. Рама досега неколкупати изјави дека Албанија има за цел да ги заврши преговорите до 2027 година и полноправно членство во ЕУ до 2030 година.

Во мај годинава, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Албанија за две години ќе биде членка на ЕУ и ги повика инвеститорите да нагрнат кај нашиот сосед. Тоа е пооптимистички од плановите на Рама за дури три години. Таква временска рамка – 2030 година – даде неодамна и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

Но сите тие изгледа ги немаат проучувано скиците, забелешките на нашиот нострадамус, Александар Николоски, кој е тврди дека Албанија никогаш нема да стане членка на ЕУ. Можеби Николоски ги помешал имињата на државите – можеби мислел на Македонија, затоа што начинот на кој неговата влада се снаоѓа во проблемот, кој самата од ден на ден го заплеткува, навистина земјава нема да стане членка на Унијата. Барем не во некоја предвидлива иднина. И тоа ќе биде патоказ за гордост каде што не ќе знаеме што да правиме со себеси. Што би рекол Џони Штулиќ – „усамљени маргиналци, полусвијет“.

Нашиот нострадамус, Александар Николоски, е доволно политички искусен да разбере дека понекогаш има и одредени граници кои се појавуваат во политичките егзибиции. Па, го немаше да ја толкува и објаснува егзибицијата со македонскиот идентитет и јазик во извештајот на Европскиот парламент, па го нема да упати остри зборови (како што знаеше) за шпекулациите дека неговиот владин и партиски шеф наводно аплицирал за бугарско државјанство во 2008 и дека против македонското раководство се води хибридна војна.

Но, беше доволно умешен на регионален состанок во Истанбул да се сретне со неговиот бугарски колега од ресорот транспорт, Гроздан Караџов, и да се договорат како Македонија и Бугарија заеднички ќе го изградат железничкиот тунел под Деве Баир. Па дури и да добие своевидна пофалба од германската амбасадорка во Софија, Ирене Марија Планк, која во разговорот за бугарската БТВ рече: „Она што го слушам е дека (двајцата министри – н.з.) успеале да најдат решение во врска со преговорите за изградбата на тунелот на границата меѓу вашите две земји“. Николоски изгледа разбра дека по самитот на НАТО, интервенцијата на Италија и другите важни членки на ЕУ, нема веќе простор за импровизации околу Коридорот 8, па надвор од македонско-британскиот проект-кредит за Коридорот 10, пругата кон истокот мора да продолжи да се гради.

Берлин за францускиот предлог

Амбасадорката Планк во истиот разговор беше многу јасна околу спорот меѓу Скопје и Софија. „Ова не е билатерално прашање, како што често слушаме. Ова е ставот на 27-те членки на ЕУ“, потврдувајќи ги претходните изјави на европските функционери. Според неа, францускиот предлог за Македонија, кој предвидува вклучување на Бугарите во уставот на земјата, нема да биде репреговаран. Премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и други македонски функционери, постојано тврдат дека патот на Скопје кон ЕУ е блокиран поради билатералните проблеми со Софија. Но амбасадорката Планк рече дека Берлин не е подготвен повторно да преговара за таканаречениот „француски предлог“.

„Не. Верувајте ми, ако имаше нешто такво, ќе знаев“.

Претпоставуваме дека тоа го знае министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кому иако му е познат ставот на Берлин, тој во четвртокот во германскиот главен град на министерот Гинтер Крихбаум му рекол дека процесот на проширување треба да остане заштитен од билатерални блокади и ревизионистички наративи и е неопходно воспоставување ефективни европски механизми за воведување и мониторинг на европските стандарди и експертиза, особено во доменот на историските и билатерални прашања.

Пред десетина дена, кога бугарскиот претседател Румен Радев беше во посета на Загреб, неговиот домаќин, Зоран Милановиќ, правејќи салто мортале од неговата преходна изјава во Скопје една недела пред тоа, кога рече дека „спорот меѓу Македонија и Бугарија е нивно внатрешно прашање“. Тоа предизвика и големи реакции во јавноста во Хрватска и го потсетуваа Милановиќ на неговите изјави претходно за Македонија. Особено на таа за време на прес-конференцијата со Гордана Сиљановска-Давкова. „Немојте да бидете само жртва на принудите и на изнудувањата кога станува збор за преговорите со ЕУ. И, притоа не влегувам во полемика и не мислам на Бугарија, бидејќи правилата на ЕУ се јасни – треба едногласност. Додека некој е против, Македонија не може да напредува. Единствено решение е да процените дали тоа е најважно прашање за вас и за вашите граѓани, или има друго на што можете да работите. Но, тоа е ваша одлука, јас совет за тоа немам“, рече Милановиќ.

Кога некој однадвор може да прави вакви колут напред, колут назад, зошто и македонските фунционери да не прават вакви физички и ментални вежби? И притоа да ја искористат секоја ситуација што може да им дојде од корист. Па макар било и од клетите противници, оние отаде Деве Баир. Некогаш најдрагоцената помош може да дојде од противниците – прикриена или инцидентна.

Два примери

Еве два примери – еден од центарот на периметарот, другиот од оние што мислат дека се во периметарот.

Доналд Трамп не може да излезе од мочуриштето околу Џефри Епстин кое се продлабочува поради растечкиот отпор од страна на некои републиканци и покрај најпровокативниот обид на администрацијата досега за одвлекување на вниманието. Кога минатата недела „Волстрит џорнал“ на неговиот близок сојузник многу години, Руперт Мардок, излезе со бомбастична и шокантна сторија во која се тврди дека Трамп му испратил непристојно писмо за роденден на Епстин (со нацртана гола девојка), таа им понуди на администрацијата и на поддржувачите на претседателот шанса да го префрлат наративот на поудобно тло каде што Трамп е жртва, а таканаречените елити се цел.

„Фала му на бога за претераното влијание на демократите и медиумите во врска со ова. Секогаш нѐ спасуваат“, рече лице блиско до администрацијата за американски „Политико“.

Трамп го негираше постоењето на писмото. Сепак, двајца функционери на Белата куќа се согласија дека сторијата на „Волстрит џорнал“ може да понуди стратешка и навремена предност, дозволувајќи му на претседателот да ги нападне своите непријатели и да ја потсети базата на борбата во која веруваат дека се наоѓаат заедно.

Ненадејната брзање да се брани Трамп дојде по недели внатрепартиски борби за време на кои влијателни конзервативци како што е инфлуенсерката Лора Лумер предупредија дека „лошо“ обработената сага за Епстин може да го „проголта“ претседателството на Трамп, а претседателот рече дека повеќе не сака поддршка од луѓе кои веруваат во „измамата“ за Епстин.

Но, во рок од неколку часа од објавувањето на „Волстрит џoрнал“, дури и оние кои ја обвинија администрацијата на Трамп за лошо справување со епизодата за Епстин, брзаа да го бранат претседателот.

Лумер ја нарече приказната „тотално лажна“. Илон Маск, кој минатиот месец во објава на социјалните мрежи, која неодамна беше избришана, наведе дека Трамп е во досиејата на Епстин, рече дека писмото „звучи лажно“.

По објавувањето на извештајот во „Џорнал“, Трамп ја повика министерката за правда Пам Бонди да го открие „релевантниот“ материјал од големата порота од случајот Епстин. Федерален судија неколку дена потоа го одби тоа барање, затоа што тоа не е во согласност со правилата на судот за максимална доверливост на таквите материјали.

Екипата на Трамп се консолидира неколку дена од хаосот, но тој хаос повторно се појави. Новите извештаи во средата дека Бонди му кажала на Трамп во мај оти неговото име се појавува во документи поврзани со случајот на Епстин, понудија веродостојно објаснување за растечкиот бес на претседателот поради драмата. Тие ќе ги поттикнат обвинувањата за прикривање, бидејќи администрацијата одби да ги објави досиејата.

А како дополнителен потег за дистракција Министерството за правда на САД формираше „ударна група“ за да ги истражи тврдењата дека администрацијата на Барак Обама извршила „предавнички заговор“ со користење лажни разузнавачки податоци за да сугерира оти Русија се вмешала во претседателските избори во 2016 година за да му помогне на Доналд Трамп.

Во македонскиот периметар на овој тотем минатиот четврток се појави една експлозивна шпекулација на бугарскиот медиум „Лупа“ дека Христијан Мицкоски во 2008 година аплицирал за бугарско државјанство во бугарскиот конзулат во Скопје, но потоа се откажал да ја продолжи постапката. Истата вечер во интервју за Канал 5 Мицкоски понуди „спектакулерен“ излез од случајот кој може да го поткопа неговиот патриотизам. Предложи Македонија преку бугарските европратеници во Европскиот парламент заеднички да поднесат резолуција во која „јасно ќе стои македонскиот многувековен посебен идентитет и јазик… и да почнеме да испорачуваме“.

Утредента потпретседателот на Собранието и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, на прес-конференција го разработуваше предлогот на Мицкоски кој изгледа невозможен. „Заедничката Резолуција во ЕП со која што ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија. Понудата којашто е дадена од премиерот Мицкоски, е отворена“.

Но критиката за ова дојде од неочекувана страна. Академик Катица Ќулавкова, која е дел од националното патриотско крило во академскиот свет, остро го нападна ваквиот предлог на Мицкоски и Милошоски: „Да се бара од соседна Р. Бугарија да поднесеме заедничка резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање на ноторен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид ‘руски рулет’ за Македонија, крајно неодговорен чин. Билатералните политички спорови треба да си останат локални, билатерални и политички, а не да им се даде шанса да го загрозат статусот кој веќе е стекнат по сите основи“.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски се најде погоден од ваквата интервенција на Ќулавкова, па подели лекција за академикот: „Јас доаѓам од академската заедница (професор е на Правен факултет – н.з.). Некогаш треба да биде свесна (академската заедница ) и за политичката реалност. А политичката реалност е дека нашиот сосед и покрај сите овие непобитни факти го негира нашиот идентитет, ја негира нашата историја и го негира нашиот јазик. И тоа за нас претставува не само ризик, туку и пречка“.

Па по долгата хибернација по трагедијата во Кочани беше пуштен во јавноста пратеникот Миле Лефков за приказната дадена како дар од бугарски опскурни медиуми (а можеби и како помош) да се транспонира во напад за спасување на честа на премиерот Мицкоски. Па следеа пет-шест прес-конференции во кои оската на предавниците повторно се завари за СДСМ за да може овој дар да се искористи пред локалните избори. А владата и Мицкоски да не носат никакви одлуки кои можат да заличат на предавство. Затоа што во Македонија има само едни „предавници“ – СДСМ, а, како што вели Лефков, и Димитар Апасиев. Лефков беседеше сѐ додека не се појави информацијата во бугарскиот весник „24 часа“ дека 20 членови од неговото најблиско семејство имале бугарски пасоши.

Па нова серија напади по дарот од Бугарија, со кој треба да се качат уште еднаш, по кој знае кој пат, на столчето загарантирано за вистинските македонски патриоти.

Александар Николоски во оваа приземна и аматерска драма молчеше. Како неговата улога да заврши по жестоките навреди на врвните бугарски политичари кога велеше дека се „мизерни“. Можеби го смислува новото објаснување зошто „Албанија никогаш нема да стане членка на ЕУ“.

*Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Трилинг