
Брисел повеќе нема да премолчува за неисполнетите обврски на БиХ
Брисел ја информирал Владата на БиХ дека средствата за земјата ќе бидат скратени за 10 отсто, односно за 108,5 милиони евра, поради доцнењето со доставувањето на конечната верзија на Реформската агенда.
Премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина (ФБиХ), Нермин Никшиќ, изјави дека Европската комисија испрати јасна порака дека нема повеќе „да гледа низ прсти“ за неисполнувањето на европските обврски на БиХ, што се потврдува и со намалувањето на средствата предвидени во Планот за раст за Западен Балкан.
Брисел ја информирал Владата на БиХ дека средствата за земјата ќе бидат скратени за 10 отсто, односно за 108,5 милиони евра, поради доцнењето со доставувањето на конечната верзија на Реформската агенда.
– Ние, како дел од проевропската коалиција ‘Тројка’, бевме кооперативни и подготвени да ја завршиме работата и да добиеме пристап до фондовите на ЕУ, рече Никшиќ, пренесуваат сараевските медиуми.
Тој додаде дека „некои луѓе што одлучуваат за тие процеси повторно се поиграа, сметајќи дека како и досега, Брисел ќе премолчи – иако сигналите беа јасни дека тоа нема да се случи овој пат“.
Коментирајќи ја вчерашната одлука на високиот мешународен претставник во БиХ, Кристијан Шмит, со која треба да се обезбедат потранспарентни и фер избори, Никшиќ оцени дека тоа е важен чекор за иднината на БиХ и нејзините граѓани.
– Многу луѓе не излегуваа на избори бидејќи не знаеја каде завршува нивниот глас. Со воведувањето нови технологии, гласот конечно ќе оди таму каде што граѓаните сакаат да оди, додаде премиерот на ФБиХ.