Жофре: ЕУ останува целосно посветена на европската интеграција на Србија, реформите треба да се забрзаат
Поранешниот шеф на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Србија, Емануел Жофре, изјави дека блокот останува целосно посветен на поддршката на Србија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ и ја истакна потребата Србија да ги забрза клучните реформи, особено во областите на владеењето на правото, слободата на медиумите и борбата против корупцијата.

-Иако си заминувам, Европската Унија останува целосно посветена на одење рамо до рамо со Србија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, рече Жофре во писмена изјава што ја пренесе Делегацијата на ЕУ во Србија.
Жофре истакна дека напредокот на Србија кон ЕУ останува заедничка клучна цел и потсети на важноста на улогата на Србија во обликувањето на иднината на Западен Балкан во рамките на европското семејство.
Тој изјави дека ЕУ, заедно со Србија и нејзините граѓани, сака да продолжи да гради Европа заснована на демократски вредности што ги делат сите европски граѓани.
Тој додаде дека принципите на човеково достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права се суштината на она за што се залага ЕУ и изрази верување дека ова се и вредностите кон кои се стремат граѓаните на Србија.
Жофре истакна дека во текот на целиот свој мандат бил сведок на оваа аспирација кај граѓаните на Србија и ја нагласи важноста од продолжување на заедничките напори во оваа насока.
Жофре беше назначен за шеф на Делегацијата на ЕУ во Србија во 2021 година и ја извршуваше таа позиција до 15 јули. Ден претходно, тој се сретна одделно со највисоките српски функционери – претседателот Александар Вучиќ, премиерот Ѓуро Мацута, претседателката на парламентот Ана Брнабиќ и министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ.