
Неофицијално, доктор Маја Мојсова, поранешната директорка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) ќе биде кандидат за градоначалник на скопската општина Карпош од редовите на СДСМ.
Според информациите, се очекува и официјално објава на нејзината кандидатура, откако истата ќе помине на Централен одбор.
Доктор Мојсова беше и национален координатор за трансплантација, како и претседател на Здружението на лекари по анестезија, реанимација и интензивно лекување, а јавноста одблиску ја запозна како главен анестезиолог во тимот што ја спроведе првата трансплантација на срце и тоа во услови на Ковид-19.
Таа е позната уште од времето на штрајкот на лекарите во 2012 година, кога тогашниот премиер Никола Груевски и екс министерот за здравство Никола Тодоров го воведоа проектот плаќање по успешност.
Во тој период повеќето од лекарите се спротивставија и излегоа на масовен штрајк, кој траеше повеќе од 50 дена.
Мојсова во трката за Карпош ќе му се спротивстави на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, кој доаѓа од приватниот бизнис.
На двајцата може плановите да им ги замрси актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски кој што сѐ уште не решил дали ќе истрча самостојно или пак ќе ја даде поддршката на Мојсова, на што се надеваат на Бихаќка.