
„Како глушецот кога го задева лавот“: Мицкоски за изјавата на бугарскиот министер Георгиев дека е северномакедонски премиер
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го нарече „момче“ бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, а за бугарската влада рече дека „во позадина ја раководи друг“.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го нарече „момче“ бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, а за бугарската влада рече дека „во позадина ја раководи друг“.
Мицкоски ова го изјави по посетата на Црвениот крст на Македонија, кој одбележува 80 години од основањето, одговарајќи на новинарски прашања.
Новинарите го прашаа дали ќе има реакција во однос на тоа што бугарскиот министер за надворешни работи го нарекол „северномакедонски премиер“.
„Јас реков дека тоа момче е пратено за да привлече мое внимание. Мислам дека не треба да му дадеме можност и апелирам и до вас медиумите. Оставете го тоа момче таму. Тоа е влада која во позадина друг ја раководи, тие луѓе треба да одработат. И му рекле, му дале задача, ајде сега закачај се. Тоа е исто како глушецот кога го задева лавот“, рече Мицкоски.
Претходно, новинарите побараа од Мицкоски и коментар на изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи во која вели дека не дозволиле Европскиот парламент да биде искористен за внатрепартиска пропаганда од страна Мицкоски и дека (Мицкоски, заб.) спроведува кризен пиар за да се оправда пред граѓаните.
„Не би го коментирал тоа момче“, кусо одговори Мицкоски.