„Записи од надземјето: чудесии“ – нова книга од Божин Павловски во издание на МАНУ и „Матица“

Македонската академија на науките и уметностите и „Матица македонска“ ја објавија книгата „Записи од надземјето: чудесии“ од академик Божин Павловски.

Македонската академија на науките и уметностите и „Матица македонска“ ја објавија книгата „Записи од надземјето: чудесии“ од академик Божин Павловски.

Издавачката куќа „Матица македонска“ посочува дека книгата „овозможува и поттикнува да се согледа и колку македонската општествена стварност би била поинаква ако во децениите зад нас, особено оние на македонската самостојност, навремено се чуеше и разбереше гласот на македонскиот интелектуалец при носењето судбоносни одлуки за државата“.

-Станува збор за книга со записи коишто не се само огледало на повеќедецениската опседнатост на Павловски со македонските работи, како што има нагласено академик Гане Тодоровски, туку се и изворници на факти и ставови што се клучни за македонската историја, особено за периодот непосредно пред и по осамостојувањето на Македонија до денес. Ова е прва книга на Павловски од ваков вид, записи во кои се преплетуваат публицистичкото и документарното со белетристичкото мајсторство, но е резултат на неговата целоживотна посветеност како активен чинител, гласен, остар и објективен критичар на македонската општествена стварност, а не нем набљудувач на настаните, соопшти „Матица македонска“.

Додава и дека со објавување на своите записи како одделен жанр, покрај расказите, а потоа и романите, Божин Павловски почнал  уште во 1962 година, а „своите први вистински колумни ги има објавено во 1988 и 1989 година“.

-Од тој перод наваму, Божин Павловски, неуморно, со години алармира, апелира и анализира, во неговите записи за коишто меѓу првите афирмативно се има изјаснето академик Георги Старделов. Македонската јавност, сега, преку книгата „Записи од надземјето: чудесии“ првпат има можност голем дел од тие записи да ги прочита на едно место, а со тоа и да има поцелосна слика не само за ставовите и улогата на Павловски во изминатите децении, туку и за македонската реалност, се наведува во соопштението.

Според самиот автор Павловски, „незамисливо е творецот да биде исклучен од настаните што ја одбележуваат неговата епоха“.

-Во нашиов случај, кога транзициските процеси им се закануваат на основните вредности, недозволено е да се молчи или премолчува. Треба да се искористат сите изразни форми за да се влијае на прогресот, нагласува Павловски.