Малку фалело Андреа да избори пласман во финалето на Евросонг
Македонската претставничка на Евровизија – Андреа Коевска со нумерата „Circles“ го освоила 11-тото место на втората полуфинална вечер, што е за само едно место подолу од првите 10 земји-учеснички кои влегоа во големото финале.
Деталните податоци од гласањето објавени на официјалната страница на Евровизија покажуваат дека Андреа според поените од стручното жири го освоила 10-тото место со вкупно 56 поени, додека пак, од телевоутингот го освои 15-тото место со вкупно 20 поени.
Претворени во вкупни поени, Андреа со вкупно 76 поени го освоила 11 место во полуфиналето, или пак 26 место од вкупно 40 земји учеснички.
Изненадување е тоа што Андреа најмногу поени добила од жирито на Германија, а најмалку од жирито на соседна Србија.
Во финалето синоќа во Торино победи Украина, а Македонија според гласањето на жирито, 12 поени и даде на Шпанија, додека 10 поени отидоа за српската претставничка – Констракта.
Гледачите во Македонија на победничката песна на Украина и доделија 8 поени, а македонското жири одлучи да не и даде ниту еден поен на победничката композиција.