
Кои министерства доцнат со обврските од Реформската агенда?
Неколку македонски министерства доцнат со исполнување на реформски чекори од Реформската агенда на Владата 2024-2027, која се однесува на Планот за раст на Европската Комисија, чиј краен рок е јуни. На последниот ден од јуни, вчера, тие сѐ уште ги немаа заокружено реформските задачи за кои се предвидени средства во висина од 43 милиони евра.
Неколку македонски министерства доцнат со исполнување на реформски чекори од Реформската агенда на Владата 2024-2027, која се однесува на Планот за раст на Европската Комисија, чиј краен рок е јуни. На последниот ден од јуни, вчера, тие сѐ уште ги немаа заокружено реформските задачи за кои се предвидени средства во висина од 43 милиони евра.
Во пресрет на Самитот за Планот за раст во Скопје, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, вели дека не се под закана европските средства, откако претходно беа повлечени средства од предфинансирањето во висина од 52,5 милиони евра. Северна Македонија има грејс период од 12 месеци за сите чекори коишто нема да се завршат навреме.
„Во јуни 2026 година средствата ќе бидат под ризик и тогаш ќе можеме да ги изгубиме“, порача Муртезани вчера на прес-конференција во Скопје.
Станува збор за обврските коишто ги немаат завршено министерствата за економија, правда и енергетика.
Муртезани вели дека не сите чекори коишто треба да се преземат се однесуваат на реформи. На пример, Министерството за енергетика има план за реновирање на згради на институции за енергетска ефикасност, но поради различно толкување на законската основа се чека разрешница во текот на денот. Исто така, Министерството за економија треба да преземе неколку чекори кои не се поврзани со закони. И за напредокот на овие обврски, Муртезани очекува повеќе информации на последниот ден од рокот.
Собранието деновиве донесе четири закони за дигитална трансформација од реформската агенда. Со носењето на овие закони, во согласност со Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан, Македонија добива пристап до повеќе од 19 милиони евра, од кои 5,7 милиони евра се наменети како директна буџетска поддршка.
Опозициската СДСМ изминатиот период упатија серија критики до власта дека реформските процеси, особено за правосудството, се во катастрофален застој.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д‑р Венко Филипче, на вчерашната прес‑конференција укажа дека премиерот Мицкоски го има напуштено европскиот пат, а законските измени предвидени во реформската агенда не се реализираа до крајниот рок – 30 јуни.
Тој нагласи дека поради неспособноста на Владата предводена од ВМРО‑ДПМНЕ да ги исполни роковите од реформската агенда, 43 милиони евра пари од Планот за раст наменети за реформи останаа неискористени.
„Ова го говорат сите факти во однос на реформите, за кои не се задолжени ниту Бугарија ниту Грциja, туку самата Владата. Ова го гледаме во извештајот на ЕУ кој јасно ги детектира сите проблеми кои ги создава Владата а СДСМ цела година ги посочува и укажува за тие проблеми во јавноста. Степенот на реализација на на реформската агенда покажува дека, заради неспособноста на Владата, повеќе од 43 милиони евра се практично неискористени. Истовремено, Владата не го оправдува, ниту го става во функција авансот од 52 милиони евра од Планот за раст на ЕУ“, подвлече Филипче.
При тоа, Филипче потенцираше дека само едно министерство и тоа благодарение на реформите подготвени уште во времето на Владата на СДСМ, успеало нешто конкретно да реализира.
„Министерството за економија, нула реализирани реформи. Министерството за правда, за цела година нула закони, цела година. Министерството за енергетика, нула проекти, еден закон којшто на крајот со амандмани е направен спротивно на препораките на ЕУ. Министерството за дигитализација, единствено тоа и тоа се реформи што беа подготвени уште од нашето време, успеа да испорача нешто конкретно“, рече Филипче.
Тој посочи дека огромни суми достапни од ЕУ останаа неискористени, дел поради неспособност, дел поради недостиг на интерес.
„Очигледно повеќе ги интересираат скапите кредити од странство наместо бесплатните средства кои се поддршка за реформите кои ги бараат граѓаните. Имаме историски најслаб реализација на тие реформи што јасно укажува дека реформи со оваа власт нема да има“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос престојува во дводневна посета на земјата. Таа се сретна со премиерот Христијан Мицкоски, а ќе учествува и на лидерската средба ЕУ-Западен Балкан за Планот за раст, која ќе се одржи во Скопје. На лидерската средба најавено е присуство на лидерите од Западен Балкан, како и на министри, високи претставници од ЕУ, регионални организации и меѓународни институции.