
Костадинов: ВМРО-ДПМНЕ го брани човекот што ја нарече Струмица „бугарски град“
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, жестоко реагира на ставовите на новинарот Драган Павловиќ Латас и поддршката што, според него, ја добива од ВМРО-ДПМНЕ. Костадинов прашува зошто опозициската партија стои зад личност што, како што вели, ја навредува честа на Струмица и Македонија.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, жестоко реагира на ставовите на новинарот Драган Павловиќ Латас и поддршката што, според него, ја добива од ВМРО-ДПМНЕ. Костадинов прашува зошто опозициската партија стои зад личност што, како што вели, ја навредува честа на Струмица и Македонија.
„Истиот Латас кој ја нарече Струмица ‘бугарски град’. Истиот за кој со години постојат јавни сомнежи за сериозни обвинувања. Тоа не е само политички пад, туку етички срам“, порача Костадинов.
Тој нагласува дека во неговата претходна реакција немало повик за насилство, туку одбрана на семејната и градска чест.
„Струмица нема да падне под туѓ јазик, симбол или етикета. Ќе ја браниме честа на градот како што нашите предци ја бранеа татковината“, напиша Костадинов.
Во меѓувреме Струмичката полиција се консултирала со јавен обвинител во врска со објавениот Фејсбук статус на струмичкиот градоначалник со пораки директно упатени до новинарот Драган Павловиќ Латас.
– Од страна на СВР Струмица за конкретниот случај се направени консултации со јавен обвинител. Од обвинителот се дадени насоки дека за да постојат елементи на кривичното дело Загрозување на сигурноста по член 144 од Кривичниот закон, по кое би постапувала полицијата, потребно е да има поднесено писмена пријава од лицето дека истото се чувствува загрозено – велат од полицијата за Плусинфо.
Од Јавното обвинителство велат дека досега до нив нема пристигнато кривична пријава во врска со овој случај.
– До овој момент до Основното јавно обвинителство Струмица не е поднесена кривична пријава од оштетен, ниту е доставено известување од органите кои се надлежни за откривање и за документирање на сомненијата за кривични дела сторени на интернет – велат од Јавното обвинителство.
Обвинителството има назначени обвинители кои постапуваат во случаи кога е загрозена сигурноста на новинарите, но за да постапуваат, потребна е пријава.
– Назначените јавни обвинители имаат овластување да го следат постапувањето во предметите по поднесени кривични пријави во кои се оштетени новинари, а не самите да постапуваат по такви предмети. Такви јавни обвинители се назначени во обвинителствата во Скопје, Битола, Тетово и во Штип, односно во оние обвинителства каде што се евидентирани повеќе вакви предмети – велат од ЈО.