
Филипче: ЕУ потврди дека ВМРО ДПМНЕ ја става Македонија во заложништво на други држави
Новиот Извештај на Европскиот парламент е практично најлошата оценка што нашата земја ја добила изминатите повеќе од една деценија. Во Извештајот јасно се посочува загриженост за нападите врз новинарите, мизогинија, неказнивост и сѐ поголемо ширење на омраза и дезинформации, порача денеска лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Венко Филипче на прес-конференција во седиштето на партијата.
СДСМ од првиот ден предупредуваше дека Владата на ВМРО ДПМНЕ ја става државата во заложништво на други држави – наместо кон интеграција и напредок, во геополитичка изолација и опасна економска зависност, потенцираше претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Филипче истакна дека ваквите укажувања на СДСМ, ги потврди и Европската Унија во извештајот.
„Покрај опасното задолжување со директни заеми, политиките се водат под диктат на други земји кои имаат преголемо влијание врз влада. А сега тоа се повеќе се гледа и се потврдува. Во извештајот јасно стои дека Северна Македонија е тешко погодена од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, сомнителни финансиски текови и принудни инвестициски практики – особено со потекло од Русија и од Кина“, рече Филипче.
Она што особено загрижува, како што рече Филипче, а што и ЕУ го нотира е задолжувањето од Унгарија, кое укажува на ризик од финансиска зависност од Кина.
„Се говори дека Европската Унија е алармирана за улогите на Унгарија и на Србија во унапредување и ширење на геополитичките цели на Русија и на Кина на Балканот. Во кој контекст, во извештајот се забележува ризик од зависност од Кина преку асиметрични заеми, како што е последниот заем од Унгарија – за кој се чини дека е набавен од Кина, за што ние исто така предупредувавме“, рече Филипче.
Дополнително, Филипче посочи дека додека власта од една страна ја става државата во заложништво на други држави, од друга страна ја изолира на дипломатско ниво.
„Владата исто така ја изолираше Македонија која единствена се воздржа од гласање за европската резолуција за Украина. Тоа е дипломатски срам и дипломатски скандал којшто го нотираат сите стратешки партнери, а сега и извештајот. Јасно укажавме дека за прв пат Македонија гласа надвор од контекстот на заедничка безбедносна и надворешна политика со ЕУ“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
СДСМ поддржува отворени листи
„За една изборна единица ние нашиот став го кажавме, ние сме, да седнеме и да разговараме да се смени тој изборен модел, да разговараме за опцијата да има една изборна единица, со тоа што таа одлука се носи со консензус. Затоа што различни се аспектите, мислењата, на помалите и на поголемите партии кога станува збор за една изборна единица“, рече тој.
Филипче додаде дека помалите партии имаат легитимни аргументи коишто секако дека треба да се слушнат на маса.
„Посебно што сметам дека е добро, и за што сметам дека треба да има консензус е листите да бидат отворени. И кочено да се гласа за секој еден на листата без разлика на кое место на листата е. Така ќе дадеме можност, вистински, квалитетни луѓе да бидат препознаени од граѓаните и ќе влезат на соодветните места. Тоа ќе биде нешто што ќе го разговараме за следниот циклус парламентарни избори“, рече Филипче.