
Орбан ја обвини ЕУ дека ja организирала „одвратната“ Парада на гордоста во Будимпешта
– По вчерашниот ден сме уште посигурни дека овие луѓе не смеат да бидат пуштени близу до кормилото на власта. И ние нема да ги пуштиме, рече Орбан и ја нарече манифестацијата „срамна и одвратна“.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја обвини Европската Унија дека ја организирала, како што ја нарече, „одвратната“ Парада на гордоста во Будимпешта вчера.
Околу 100 илјади луѓе се вклучиле во маршот, што стана една од најмасовните протестни манифестации против Орбан во последните години. Тие ја игнорираа забраната за парадата, издадена од полицијата со образложение за заштита на децата, и им се закануваат казни.
По трасата биле поставени видео камери и се очекува во наредните денови учесниците во поворката да добијат известувања дека се казнети.
Говорејќи во затворена онлајн група на свои приврзаници, наречена „Боречки клуб“, по името на романот на Чак Паланиук, унгарскиот премиер изјавил дека опозициските политичари, „инструирани од Брисел“, ги повикале своите избирачи масовно да присуствуваат на парадата.
– По вчерашниот ден сме уште посигурни дека овие луѓе не смеат да бидат пуштени близу до кормилото на власта. И ние нема да ги пуштиме, рече Орбан и ја нарече манифестацијата „срамна и одвратна“.
Поворката доби поддршка од над 30 држави, вклучително Франција, Германија и Велика Британија, како и од голем број претставници на ЕУ, вклучително и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Освен тоа, десетици европратеници и еврокомесарот за меѓународна соработка, хуманитарна помош и активности при кризи, Хаџа Лабиб, пристигнаа во унгарскиот главен град за да се приклучат во знак на солидарност.
Владата на Орбан, која се потпира на христијанско-конзервативна програма, постепено ги ограничува правата на ЛГБТ+ заедницата во последната деценија.