Санчез одговори на заканите на Трамп: Шпанија е суверена земја

Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска одговори на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп, потсетувајќи го дека Шпанија е суверена земја и дека трговската политика со која било земја-членка на ЕУ мора да биде договорена со Брисел во име на сите земји-членки.

Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска одговори на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп, потсетувајќи го дека Шпанија е суверена земја и дека трговската политика со која било земја-членка на ЕУ мора да биде договорена со Брисел во име на сите земји-членки.

-Шпанија е земја која е посветена на земјите-членки на Алијансата, но исто така и суверена, и тоа е рамнотежата што ја најдовме во декларацијата што ја постигнаа 32-те земји-членки на Атлантската алијанса, вклучувајќи ги и САД, рече Санчез по пристигнувањето на состанокот на Европскиот совет, еден ден по самитот на НАТО, на кој Трамп ѝ се закани на Шпанија со трговска војна за да ја принуди да плаќа „двојно“ ако не потпише обврска за зголемување на воените трошоци на пет проценти од БДП, како другите членки на трансатлантската организација.

Санчез на Самитот ја потврди својата посветеност на одржување на воените трошоци на 2,1 процент, објавија шпанските медиуми.

Тој потсети дека „Европа и светот страдаат од трговска војна“ од американската администрација поради царинските мерки што ги опиша како „неправедни и еднострани“.

-Во Шпанија, тие се двојно неправедни, бидејќи земјата има трговски дефицит, а не суфицит со САД, истакна Санчез.

Тој додаде дека „јасно е оти трговската политика“ во Европа „е водена од Брисел“.

-Ние сме во единствена царинска унија, а трговската политика ја преговара Брисел во име на сите земји-членки, рече Санчез.

Тој изјави дека, откако Трамп воведе царини за европски производи, Европската комисија „конструктивно преговара со американската администрација за воспоставување нови трговски правила“.

Санчез изјави дека Шпанија е отворена и пријателска земја.

-Исто така, ги сметаме САД за пријател на Шпанија, рече шпанскиот премиер, додавајќи дека верува оти она што се случи на Самитот на НАТО на крајот нема да влијае на трговските преговори меѓу Вашингтон и Брисел, бидејќи тие, како што рече, се „две различни области на дебата“.

Санчез изрази задоволство од Самитот на НАТО во Хаг за постигнувањето договор за декларација „што беше тешко“, но која, според него, постигна рамнотежа „помеѓу посветеноста на Шпанија како земја-членка на можностите и безбедноста на Атлантската алијанса“ и „социјалната кохезија“ на земјата.

-Одвраќањето не значи само поголеми трошоци за одбрана, туку и продолжување на посветеноста на социјалниот модел што ја зајакнува нашата држава на благосостојба, заклучи Санчез.