Малку храброст, голема промена – пријави корупција!
Корупцијата во македонското општество не е далечна, ниту пак апстрактна. Таа е тука, пред нас – на административните шалтери, во болниците, училишните клупи…Ја среќаваме во секојдневни ситуации кога некој ќе шепне: „Може да се среди, ама знаеш како“, „Ако сакаш побрзо, има начин“, „Ќе завршиме преку ред, ама, јасно ти е како, нели?“. И, тогаш, што правиме? Молчиме, го прифаќаме непристојниот предлог или конечно го креваме гласот?

Ајде да го кренеме гласот! Да направиме еден чекор, да пријавиме, да кажеме „не“ на неправдата. Кога сите тие мали „не“ ќе ги собереме, ќе станеме моќна сила, сила што може да создаде промени што ќе се почувствуваат во секој дел од нашето секојдневие.
Храброста да пријавиш корупција не е само обврска, тоа е чин на совест, на одговорност, на грижа за другите, надеж во време на разочараност и верба дека ова општество може да биде пофер, поправедно и похумано. Да, можеби некој ќе помисли: „Што ќе сменам јас сам/а?“ Но, токму твојот глас може да биде искрата што ќе го запали пламенот на промената.
Кампањата „0% корупција – Ајде да е вистина!“ која се реализира преку проектот на Европската Унија „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, постои токму поради тие искуства за кои премногу молчиме. Таа е за сите што се уморни од „снајди се“, од „има врски“, од „така било отсекогаш“. За сите што веруваат дека системот треба да работи за сите подеднакво.
Со поддршка од Министерството за внатрешни работи, кампањата ги повикува граѓаните да не останат неми сведоци, туку да реагираат, да пријават, бидејќи секоја пријава значи отпор, но и верба дека правдата може да победи.
Секоја пријава е чекор кон 0% корупција. Ние сме тие што ја градат иднината во која идните генерации, но зошто да не и сегашните, нема да мора да „средуваат“, туку ќе можат да се потпрат на закон, на ред и на еднакви можности.
Твојот глас може да биде пресвртница за тебе, за некој друг, за сите нас. Со малку храброст до голема промена – пријави корупција за „0% корупција – Ајде да е вистина!“