Шахистите на Алкалоид најуспешни Државниот младински шампионат

Шахистите на Алкалоид освоија најмногу медали на Државното првенство за млади категории одржан во Струмица од 16 до 21 јуни.

Шахистите на Алкалоид освоија најмногу медали на Државното првенство за млади категории одржан во Струмица од 16 до 21 јуни.

Меѓу девојките со златни медали се вратија Моника Жежовска (У18) и Илијана Велева (У12), додека, пак, Исидора Лукановска (У14) освои сребрен медал.

Во машка конкуренција беше понеизвесно, па така Давид Атанасовски беше едно од најпријатните изненадувања бидејќи по само една година тренирање успеа да стигне до златниот медал во категоријата до 10 години, но подеднакво блескави беа и постигнувањата на Марко Стојановиќ (У12) и Никола Радоњанин (У16), кои ги освоија трофеите во својата конкуренција. Новиот член на клубот, Никола Павлески, дебитираше за ШК Алкалоид со освојување на второто место во конкуренцијата до 18 години. Сребро освои и Лука Симоновски (У12), додека, пак, Васил Иванов (У10) и Андреј Божиновски (У14) се закитија со бронзени медали.

– Ние како тренери сме задоволни од она што го прикажаа нашите младинци. Не би одел во детали, туку би рекол само „Браво шампиони“! Сите се трудеа да го дадат својот максимум и во фајтерски стил се носеа со конкуренцијата, онака како што доликува кога се бранат боите на ШК Алкалоид. Радува фактот што имаме титули и кај момчињата и кај девојчињата затоа што тоа е показател дека се стремиме кон успеси во двете конкуренции. Некои се потврдија како фаворити, а некои кои не беа меѓу првите тројца носители пријатно изненадија. Ние како тренери сме презадоволни од она што го видовме и ќе продолжиме да ги трасираме патиштата на идните македонски шаховски шампиони преку континуирана работа во клубот, изјави ИМ Дејан Стојановски.

Според календарот на Европската шаховска унија, младинските европски првенства за 2025 година во стандарден шах ќе се играат во октомври во Будва, Црна Гора, додека, пак, континенталниот собир на млади играчи во забрзан и во брзопотезен шах е закажан за 4 август во Солун, Грција.