ИНРМ: Глоба до 3.000 евра за ЕВН ако не овозможи визуелен пристап до броило

Поднесовме официјално барање до Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот пазарен инспекторат, како и до Министерството за енергетика, за да се потврди кој од нив е надлежен за постапување и санкционирање во случај потрошувачите на електрична енергија да немаат визуелен пристап до сопствените броила, информираат од Здружението Инженери на Република Македонија (ИНРМ).

Поднесовме официјално барање до Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот пазарен инспекторат, како и до Министерството за енергетика, за да се потврди кој од нив е надлежен за постапување и санкционирање во случај потрошувачите на електрична енергија да немаат визуелен пристап до сопствените броила, информираат од Здружението Инженери на Република Македонија (ИНРМ).

Веднаш по добивањето на нивниот одговор, посочуваат, јавноста ќе биде информирана кој инспекциски орган е директно одговорен за постапување по претставки за оневозможен пристап до броилата. Според ИНРМ, неовозможувањето на пристап до мерниот уред не е техничко прашање, туку директна повреда на законска обврска и причина за санкција.

-Броилата иако се сопственост на ЕВН, тие истовремено се дел од јавна услуга, а пристапот до нив е неопходен елемент на транспарентност, контрола и заштита на потрошувачот. Потрошувачите на електрична енергија имаат законско право на визуелен пристап до сопствените броила, а секое спречување на тој пристап од страна на операторот на електродистрибутивниот систем, во овој случај ЕВН, претставува прекршување на Законот за енергетика. Со новиот закон кој стапи на сила на 29 мај 2025 година, операторот е обврзан да овозможи визуелен пристап до мерниот уред, односно потрошувачот да може лично и во секое време да го види и провери податокот што уредот го регистрира. Поставувањето на броила во затворени кутии, на височина недостапна за граѓанинот, во заклучени и невидливи за граѓанинот простории или поставено во ормари каде не може да се види броилото, претставува правно недозволено постапување, велат од ИНРМ.

Законот, додаваат, предвидува глоба од 1.000 до 3.000 евра за операторот ЕВН ако не го исполни ова свое законско задолжение.

-Тоа значи дека секој граѓанин што не може да го види својот броило, ниту да го контролира внесениот податок за потрошувачка, има право да поднесе претставка и да бара инспекциски надзор и санкционирање на операторот. Ова се однесува и на случаи кога броилата се поставени зад метални мрежи, стакла кои не дозволуваат читање, или ако се наоѓаат на несоодветни и небезбедни места што го оневозможуваат пристапот, порачуваат од ИНРМ и додаваат дека граѓаните треба да бидат свесни за своето право на увид и проверка на сопствената потрошувачка и да се охрабрат да го пријавуваат секое прекршување.