
Десетти „Марш за ангелите“ во Кочани: Болката веќе не е тивка…
„Министре Тошковски, сѐ уште ни должите одговор како е можно полицијата да прави акциска контрола во објект кој воопшто не смеел да работи, немал ни лиценца, ни дозвола“, беше едно од прашањата кои ги прочита мајка на загинато дете.
Семејствата на загинатите во трагичниот пожар што го зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска точно во 18 часот и 5 минути го започнаа десеттиот „Марш за ангелите“. Маршот и годинава се реализираше по традиционалната рута – од Паркот на револуцијата, преку трговскиот центар, пред зградата на Општината, кон полициската станица и Основниот суд и обвинителството во Кочани.
Родителите, роднините и пријателите на трагично загинатите млади во дискотеката „Пулс“ , овојпат молкот го заменија исвиркувања, знаци на гнев и пораки што одекнуваат гласно.
„Министре Тошковски, сѐ уште ни должите одговор како е можно полицијата да прави акциска контрола во објект кој воопшто не смеел да работи, немал ни лиценца, ни дозвола“, беше едно од прашањата кои ги прочита мајка на загинато дете.
Родителите посочија дека се прави и притисок врз сведоци со цел да се сокрие фактот дека била затворена вратата во дискотеката Пулс од страна на полицијата и наместо децата да бидат спроведени надвор тие биле враќани назад од полицајците кои според тврдењето на родителите први избегале!
На 19 јуни, во Кочани, родителите имаа затворена средба со обвинители, по минатонеделното образложение на обвинителниот акт за трагедијата кое го даде јавниот обвинител Љупчо Коцевски, а за што на минатиот 10. „Марш за ангелите“ родителите нагласија дека не ги разбрале наводите. Тие бараат одговори и објаснување од надлежните кај кого е лоцирана одговорноста за трагедијата како и поконкретни информации за постапката и покренатото обвинение против 34 физички и три правни лица за кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“.
Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски на прес-конференција на 13 јуни кажа дека е поднесено обвинение за пожарот во Кочани, со кое се опфатени 34 физички и три правни лица. Тие се гонат за Тешки дела против општата сигурност. Меѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Поради немање доволно докази, постапката беше запрена за вкупно 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри. Истражна постапка се води и против 13 полицајци поврзани со случајот. Првично со истрагата беа опфатени 47 физички и 3 правни лица. Поради немање доволно докази, за 11 лица постапката се запира, еден од осомничените во меѓувреме почина, а за еден постапката е во прекин поради неговата здравствена состојба. Според Коцевски, доколку во иднина се обезбедат докази, постапката може да продолжи за оние за коишто е запрена, а не се исклучува можноста со истрагата да бидат опфатени и други лица.
В. д. градоначалникот на Кочани Венко Крстевски синоќа во видео на Фејсбук во кое седнува во пицерија која се наоѓа во станбен објект и е дивоградба, и укажува дека се пуши во затворен простор, има приклучок за струја во објект кој е дивоградба, има само еден тоалет и за мажи и за жени, и има две кујни како посебни објекти, од кои едната нема тоалет. Крстевски повторно повика повеќе институции, како Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот пазарен инспекторат, ЕВН, да постапуваат согласно пријавите за дивоградби.
Пред една недела, премиерот Христијан Мицкоски им ја префрли на граѓаните одлуката за тоа дали има политичка одговорност тој и неговата влада за трагедијата во Кочани. Тоа ќе зависело од исходот на локалните избори.
(Видео) Инфомакс