Шварценегер и Сталоне „не се мирисале“ во минатото

Се мразевме еден со друг!, призна славниот „Терминатор“. - Некако, си кажувавме непријатни работи еден за друг и сите тие глупости... Помирувањето почна со неочекуван деловен потфат.

Австриско-американската акциона ѕвезда Арнолд Шварценегер раскажа за неговите расправии со Силвестер Сталоне во минатото, во емисијата на Енди Коен.

– Се мразевме еден со друг!, призна славниот „Терминатор“. – Некако, се напаѓавме и правевме непријатни работи, и си кажувавме непријатни работи еден за друг и сите тие глупости… Помирувањето почна со неочекуван деловен потфат.

Шварценегер (77) и Сталоне (78), почнувајќи од 1980-тите, 90-тите, па и потоа, важеа за главни ѕвезди на акционите филмови. Помирувањето дошло со заедничката работа на тематскиот синџир ресторани „Планетата Холивуд“ (Planet Hollywood). Подоцна тие станале и пријатели, глумејќи заедно во „План за бегство“ (Escape Plan) од 2013 година и неколку делови од серијалот „Платеници“ (The Expendables).

– И, тогаш, почнав да работам со Роберт Ерл и Кит Периш на франшизата „Планетата Холивуд“ , тие ресторани. Следното нешто – добивам телефонски повик од мојот адвокат, кој исто така, беше и адвокат на „Слај“ (Сталоне, з.п.). Тој ми вели: „Арнолд, има ли некако простор и за Слај во ‘Планета Холивуд’?“, раскажува Шварценегер.

Тогаш си помислил: „Тоа е всушност добра идеја, бидејќи тоа може да нѐ зближи“.

– И јас го сакав тоа. Во тој миг ја надраснав мојата лудост, нагласи славниот „Шварци“.

Американскиот синџир ресторани „Планета Холивуд“ е основан во Њујорк во 1991 година со поддршка на Шварценегер, Сталоне и неколку други првокласни ѕвезди.

– Секако, соработката успеа! И Брус Вилис стана дел од „Планетата Холивуд“, и Вупи Голдберг, и Чак Норис… Тоа навистина беше некако „интернационална актерска екипа“, додаде Шварценегер.

Во заедничко интервју за „Ти-ем-зи“ од април 2024 година, и Сталоне призна дека го гледал Шварценегер како вид предизвик.

– Си мислев „Конечно, нешто што ќе ме мотивира“. Затоа што, тој е, се осмелувам да кажам – веднаш штом ќе го видиш, конкуренција, или закана… Кој збор сакаш – употреби го, вели Слај.

– Тој беше многу корисен во мојата кариера, бидејќи вака имав нешто што можам да го бркам, се согласи Шварценегер.

Популарниот „Рамбо“ годинава е актуелен со акцијата „Аларум“ и ТВ-серијата „Кралот на Тулса“ којашто има оценка 8 / 10 на ИМДБ. А пак, втората сезона од акционата комедија на Шварценегер – „ФУБАР“ (‘FUBAR’, или во слободен превод: ‘Зае**н до непрепознатливост’) беше премиерно прикажана на „Нетфликс“ на 12 јуни. Меѓу неговите претстојни проекти е и празничниот филм „Човекот со чантата“, во којшто „Терминаторот“ ќе го глуми Дедо Мраз.