Србија обезбеди милијарда динари кредити за млади претприемачи

Вицепремиерката и министерка за економија на Србија, Адријана Месаровиќ, изјави дека надлежното министерство обезбедило милијарда динари кредити како дел од поддршка на млади претприемачи.

Вицепремиерката и министерка за економија на Србија, Адријана Месаровиќ, изјави дека надлежното министерство обезбедило милијарда динари кредити како дел од поддршка на млади претприемачи. Според неа, целта е да се поддржат младите луѓе да основаат свои компании или, доколку веќе имаат компании, дополнително да го развијат својот бизнис.

„Обезбедивме милијарда динари кредити преку Фондот за развој, со каматна стапка од само 1,5 проценти, до максимален износ до 5 милиони динари, за рок на отплата од 78 месеци, од кои обезбедивме дека дури 18 месеци ќе бидат грејс период, сакајќи да им дадеме на младите луѓе доволно простор и доволен временски рок, за да можат да го развијат својот бизнис“, рече Месаровиќ во изјава за РТС.

Таа додаде дека министерството почнало серија програми за поддршка на семејни компании со грантови до 2 милиони динари, како и програми за поддршка на кредитни фондови.

„Имаме 361.000 регистрирани претприемачи, со тренд на раст во последните неколку месеци, од кои дури 83.000 регистрирани претприемачи се под 35 години. Ова го потврдува потенцијалот и ние ќе продолжиме да ги насочуваме нашите активности кон поддршка на младите луѓе“, рече Месаровиќ.

На прашањето каква е моменталната економска состојба во Србија, Месаровиќ вели дека растот во првиот квартал бил бавен, како поради геополитичките услови, така и поради блокадите во Србија.