Одбраната бара ослободителни пресуди за Кешишев, Манев и Видевски за убиствата на Вања и Панче 

Бранителот на обвинетиот Влатко Кешишев, адвокат Игор Ефремов, денеска во Основен кривичен суд Скопје побара ослободителна пресуда за неговиот клиент во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, со образложение дека тој не само што не учествувал, туку ниту знаел, ниту имал намера тоа да се случи. Евентуална вина, како што посочи, може да сноси само за грабнувањето на Вања.

Бранителот на обвинетиот Влатко Кешишев, адвокат Игор Ефремов, денеска во Основен кривичен суд Скопје побара ослободителна пресуда за неговиот клиент во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, со образложение дека тој не само што не учествувал, туку ниту знаел, ниту имал намера тоа да се случи. Евентуална вина, како што посочи, може да сноси само за грабнувањето на Вања.

– Од доставените и изведени материјални докази на кои се темели обвинителниот акт на обвинителството, како и од распитот на сите сведоци и обвинети, со ништо не се потврди учеството во дејствие на сторување како извршител или соизвршител на обвинетиот Кешишев. Ова дополнително се потврди и од самиот распит на обвинетиот Влатко Кешишев, како и од распитот на обвинетиот Велибор Манев, но и од исказот даден во обвинителство на обвинетиот Боре Видевски, рече адвокатот.

Дополни дека обвинетиот не може да биде ниту обвинет, а уште помалку осуден како соизвршител, бидејќи за да истиот биде соизвршител е потребно неговите дејствија да се неопходно потребни за извршување на кривичното дело кое му се става на товар, а такви дејствија од негова страна, според адвокатот, не постојат.

-Имајки предвид дека за постоење на соизвршителство од член 22 од ЗКП е потребна свест и умисла кај соизвршителот дека врши дејствие на извршување на некое кривично дело и истиот го сака неговото извршување, во обвинителниот акт ниту е посочена умисла ниту свест за вршењето на дејствијата од страна на обвинетиот Влатко Кешишев, ниту пак такво нешто може да се заклучи од изведените докази, рече Ефремов.

Го потенцираше каењето на Кешишев поради неговото присуство на местото пред зградата на улица „Наум Наумовски Борче“ каде живеела сега оштетената Вања Ѓорчевска, и неговото учество во сторување на кривично дело грабнување.

-Бараме од судот, при донесувањето на одлука за обвинетиот Кешишев, особено да го има во предвид фактот дека да не беше каењето и товарот на совеста на обвинетиот, немаше да бидат пронајдени ниту телата на убиените односно со негов особен придонес при распитот пред полициските службеници го посочил местото на закопувањето на оштетените. Како и што посочи самиот, слушајки ги наредбите од Палевски, преземал дејствија без да размислува за можни последици. Состојбата на неговата совест и каењето, но и стравот којшто го имал целосно е опишан во неговата прва реакција вечерта при претресот во седиштето на партијата каде на полицискиот службеник – сведокот Дејан Димовски му кажал, цитирам – кај сте до сега ве чекавме, рече Ефремов.

Одбраната тврди дека Кешишев бил во состојба на страв и подложност кон Палевски, што го потврдува со фактот дека, откако слушнал за настаните во Велес, побарал да се врати во Штип, но не му било дозволено. Овој момент, според одбраната, покажува дека Кешишев всушност бил заложник и жртва на туѓи одлуки и интереси.

Тој признава дека бил присутен при грабнувањето на Вања Ѓорчевска на 27 ноември 2023 година, но вели дека не знаел која е личноста, бидејќи информацијата ја имале само Манев и Палевски.

-Како што посочи самиот никогаш не му било кажано од никого, ниту пак учествувал во било какви разговори кои би се одвивале за можно убиство на било кого. Во својот исказ посочи дека слушнал звук што наликува на пукање од пиштол, по што по неколку минути бил повикан да помогне во закопување на некое лице. За прв пат дознал дека станува збор за малолетно лице кога се вратил во седиштето на партијата, кога видел на социјалните мрежи, по што го прашал обвинетиот Палевски дали тоа е личноста од утрото, на што му било најостро наредено да оди во својата соба и да не поставува дополнителни прашања, образложи адвокатот.

Одбраната истакна дека обвинетиот Кешишев бил цело време на располагање на истрагата и со неговата соработка значително придонел кон расветлување на случајот. Побара од судот непристрасно да ги оцени фактите и да не му се припишува вина за дела за кои нема докази дека ги сторил, ниту како извршител ниту како соизвршител.

Претходно, ослободителна пресуда побараа и бранителите на обвинетите Велибор Манев и Боре Видевски.

Судењето продолжи со завршен збор на адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Александар Ѓорчевски.
По што преостанува само завршниот збор на одбраната на Љупчо Палевски.

На изминатото рочиште Основното јавно обвинителство во завршните зборови побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека, за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.

Во обвинението стои дека Палевски,  Видевски, Манев, Кешишов и Ѓорчевски заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.