
Во рамките на својата акција за разоткривање на трагедијата во Кочани СДСМ денеска објави документи кои го компромитираат јавното декларирање на власта дека нема да има селективна правда.
Согласно јавно достапните податоци на Заводот за ревизија во списокот на донатори на политичките партии, како донатор на ВМРО-ДПМНЕ во кампањите во 2020, 2021 и 2024 година се сретнува компанијата „Салтировски консалтинг“ ДООЕЛ од Делчево. Сопственик на фирмата е Анита Салтировска, која е сопруга на началникот на СВР Штип, Дејан Салтировски, соопшти денеска на прес-конференција портпаролкатѕа на СДСМ, Богданка Кузеска.
На списокот на донаторите, освен фирмата „Салтировски консалтинг“ „може да се најде и името на сопругата на началникот на СВР Штип Дејан Салтировски, Анита, која вршела уплата на донации и од свое лично име“, рече Кузеска.
Таа постави прашања:
„Она што ВМРО-ДПМНЕ треба да го одговори на македонската јавност е дали ‘Салтировски консалтинг’, сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип служела како фирма параван за прибирање на рекет од локалите кои биле изоставени од контрола на полицијата – како што бил примерот со дискотеката ‘Пулс’?
Дали оваа компанија водела фиктивно сметководство за компаниите ‘Класик’ и ‘ММММ’ кои управувале со дискотеката ‘Пулс’ на газда Деко?
Дали со транши од Деко на ‘Салтировски консалтинг’ од Делчево се исплаќал договорениот паушал за полициска заштита на ‘Пулс’?
Дали ‘Салтировски консалтинг’ била вмешана и во скандалот ‘Делчевски ниви’ кој магично исчезна од судските процеси?
Конечно, дали овие пари од Деко завршувале за финансирање на кампањите на ВМРО-ДПМНЕ?“
Македонија нема никаква надеж за неселективна правда, бидејќи ако навистина се тргнат канџите на Мицкоски од Обвинителството, одговорноста за работењето на дискотеката „Пулс“ ќе укаже директно на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Богданка Кузеска.