Битиќи: Владата не презема ништо за високите цени иако има механизми

„Комисијата за заштита на конкуренција требаше да има капацитет и да постапува. Имаше дојави за картелско здружување и ништо не се случи. Потребна е примена на законите “, рече Битиќи. Тој додаде дека нема никаква разрешница, иако законот предвидува високи казни, а моралните повици не функционираат никаде во светот.

Владата има на располагање конкретни механизми за борба со високите цени, но не презема ништо, порача пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи во емисијата „360 степени“.

„Во далеку посложени услови и со повисока инфлација, ние направивме максимум што можеше да се направи со различен сет на мерки. Денес Владата има уште полесни услови и две алатки во рака – а не ги користи,“ истакна Битиќи.

Како клучен неискористен инструмент го посочи Законот за нефер трговски практики, кој според него, требало веќе одамна да биде во примена.

„Комисијата за заштита на конкуренција требаше да има капацитет и да постапува. Имаше дојави за картелско здружување и ништо не се случи. Потребна е примена на законите “, рече Битиќи. Тој додаде дека нема никаква разрешница, иако законот предвидува високи казни, а моралните повици не функционираат никаде во светот.

Во однос на високите цени на храната, тој изрази сомнеж во оправданоста на поскапувањата.

„Не може, ако е увезен производ, неговата цена во соседството да биде три пати пониска од кај нас. Увозната и малопродажната цена кај нас се со огромна маржа“, рече Битиќи.

Пратеникот од СДСМ нагласи дека Владата има одговорност да реагира.

„Тука е Владата да интервенира преку Државниот пазарен инспекторат и преку мерки кои можеби не се идеални според логиката на пазарната економија, но во одредени ситуации се нужни“, рече Битиќи.

Ако имаме зголемување на јавниот долг од 7%, а раст на БДП од 3,2%, разликата е 3,8%. Мултиплицирано во секоја година, за десет години тоа е 38% зголемување, предупреди пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи, во гостување на МРТ 1 во емисијата „360 степени“, укажувајќи на фискалните ризици што ги носи неконтролираното задолжување коешто го прави власта.

Според него, иако министерката за финансии тврди дека Владата е внимателна, бројките говорат поинаку а посочи и извори на скриени долгови.

„Може да каже дека јавниот долг го намалив за 36 милиони евра, но ако ги занемарам 700 милиони евра доспеани, а неподмирени обврски, тогаш вистинската слика е сосема поинаква, нема намалување“ рече Битиќи.

Тој ги посочи и изворите на овие скриени долгови, како што е долгот на општинските јавни претпријатија, како што рече, доминантно управувани од ВМРО-ДПМНЕ, изнесува 11,5 милијарди денари или 200 милиони евра. Дополнително, јавните здравствени установи должат 4,6 милијарди, а самите општини 3,8 милијарди денари.

„Овие долгови не сме им ги оставиле ние – нивните градоначалници им ги оставиле,“ истакна Битиќи.

Според него, Владата има обврска веднаш да каже како ќе се справи со оваа состојба, наместо да се повикува на селективни бројки и политичка реторика.

„Кога ќе ги додадеме сите обврски, доспеани, одложени, како и оние по основ на ДДВ, можеби јавниот долг веќе сега е 8 до 9 процентни поени повисок од она што официјално се прикажува,“ заклучи Битиќи.