„Можно е фер решение. Сметаме дека најдобро е процесот да се заокружи со сеопфатен документ, кој што јасно ќе ги утврди обврските и на наша, но и на бугарска страна. Секако сме разговарале за тоа и досега, се останато е на неодреден терен. Формата е помалку важна, важна е содржината кои чекори да се направат и тие да водат кон тргање на ветото, па да имаме попријателска агенда. Ние ги водиме разговорите на таа основа. После настанот во Битола има одреден застој, но комуникацијата не е прекината“.
Ова вечерва на тв Сител го изјави заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања – Бојан Маричиќ.
Тој повтори дека земјава е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ, а дали тоа ќе се случи зависи од позицијата на Бугарија, но и од амбиентот што ќе се создаде во Унијата.
„Во контекст на војната во Украина и сите кризи кои ни се случија нам и на Европа, вистински момент е тоа да се случи за време на француското претседателство“ вели тој.
Маричиќ додаде дека не е дефинирано дали договорениот документ со Бугарија ќе биде дел од преговарачката рамка, но во секој случај таа рамка ќе содржи елементи од договореното со Бугарија.
„Ние сме должни да бидеме оптимисти за почетокот на преговорите, но тоа не значи дека по секоја цена ќе постигнеме договор“ – рече Маричиќ.
Нагласи дека јазикот и идентитетот не се дел од преговорите.