Политичка ликвидација во САД: Убиена демократска конгресменка и нејзиниот маж во Минесота

Истиот напаѓач кој ја убил пратеничката Мелиса Хортман денеска рано наутро, според американско време, ги застрелал и членот на Сенатот на Минесота, Џон Хофман и неговата сопруга во нивниот дом, кои се живи и се наоѓаат во болница Во тек е голема потрага по осомничениот за пукањата, кои се водат како политички мотивирани атентати, а во истрагата е вклучено и Федералното истражно биро (ФБИ)

Двајца американски политичари од редовите на демократите, членови на законодавниот дом на сојузната држава Минисота утрово биле застрелани во нивните домови, во два одделни случаи, јавуваат медиумите во САД и во Велика Британија.

Според информации, во нив и во нивните брачни партнери пукало исто лице, по кое во тек е голема потрага.

Гувернерот на Минесота, Тим Волц на прес-конфренција денеска изјави дека пратеничката во Претставничкиот дом на Минисота, Мелиса Хортман и нејзиниот сопруг Марк биле застрелани и убиени во нивниот дом.

Според Волц, како што пренесува Си-ен-ен, случајот се води како политички мотивирано убиство.

Цел на истиот напаѓач бил и членот на Сенатот на државата Минесота, Џон Хофман кој испукал повеќе куршуми во него и во неговата сопруга.

И покрај повредите тие се живи, а по нападот се пренесени во болница, каде се оперирани, рекол гувернерот на Минесота.

„Хофманови во овој момент се се изнесени од операциона сала и добиваат нега. Ние сме претпазливи оптимисти дека ќе го преживеат овој обид за атентат“, рекол Волц.

Осомничениот за пукањето е на слобода и во тек е масовна потрага по него, а во истрагата е вклучено и Федералното истражно биро (ФБИ).

Властите, како што објави Си-ен-ен, бараат маж облечен во црн панцир и сина кошула кој можеби се претставувал како припадник на органите на редот, изјавил полициски извор за Си-ен-ен.

„Ова е шокантен чин на насилство. Благодарна сум на сите органи на редот кои реагираа навреме. Моите молитви се со семејствата Хортман и Хофман. И двајцата пратеници се блиски пријатели и посветени на своите семејства и јавната служба“, изјавила сенaторката од Минесота, Ејми Клобучар.

Гувернерот на Минесота, Тим Волц го активирал Државниот центар за итни операции, а формиран бил и заеднички информативен центар во кој се вклучени институции со различни надлежности.

Пукањата се случиле во предградијата Чамплин и Бруклин Парк, кои се наоѓаат во метрополитенската област на Минеаполис.

„Локалните органи за спроведување на законот во Чамплин и Бруклин Парк ги имаат сите ресурси на државата Минесота зад себе. Внимателно ја следиме ситуацијата и наскоро ќе споделиме повеќе информации“, наведува Волц во објава на платформата Икс.

Гувернерот додал дека Одделот за јавна безбедност на Минесота и локалните органи за спроведување на законот се на местото на настанот.

Поранешната конгресменка Габи Гифордс, сега раководителка на националната организација за спречување на насилство со оружје ГИФОРДС, денеска изјави дека е „ужасена и скршена болка по нападот врз двајцата јавни службеници.

„Моето семејство и јас добро го знаеме ужасот од целно пукање. Напад врз пратеници е напад врз самата американска демократија. Лидерите мора да проговорат и да го осудат поттикнувачкиот насилен екстремизам што се заканува на сè за што се залага оваа земја“, изјавила Гифордс, која беше една од 13-те лица што беа ранети на паркинг на супермаркет во сојузната американската држава Аризона во 2011 година.

Пукањата се случуваат во време кога политичкото насилство станува се почеста појава во Соединетите Американски Држави, иако огромното мнозинство Американци не го поддржуваат, покажува истражувањето на Универзитетот во Чикаго, пренесува „Гардијан“.

СПОДЕЛИ