
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска изјави дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев не доаѓа во Хаг, во насока на деблокирање на нашите евроинтеграции.
„Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме јас не знам, јас ќе бидам таму ако ми е мене редот. Инаку, се знае, ред е да се разговара со хомологот, но еве нема проблем меѓутоа, не зависи од мене туку зависи од нашите соседи. Се разбира ние сме толку блиску што би можеле и да разговараме и во близина некаде, но предлогот дојде од господинот Антонио и тој сега кога бев јас во Ница ме информираше дека нема да дојде господинот Радев на Самитот на НАТО, туку ќе дојде Жељазков, вели Сиљановска Давкова на новинарско прашање пред присуството на Меѓународната книжевна манифестација „Празник на липите“.
Прашана дали е потврдена евентуалната средба со Жељазков, Сиљановска Давкова посочи дека средбата е предложена од претседателот на Европскиот совет и оттаму треба да дојде потврдата.
„Јас сум подготвена за разговор со господинот Радев. Неколку пати се имаме видено, тој ги знае моите, односно нашите национални ставови, ги знае и господинот Антонио, ги знаат и останатите. Јас секогаш велам дека може да дојде време да дојде до израз европската креативност, која неколкупати сме ја виделе, еве и во овој случај заради доброто на регионот и заради можеби најважниот процес во моментов европски – процесот на проширување“, рече Сиљановска.