Георгиев разговарал со Муцунски: Софија нема други услови надвор од францускиот предлог

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, телефонски разговрал со македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски, и го информирал за одлуката од 30 мај 2025 година на бугарското собрание за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ.

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, разговарал телефонски со македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски, и го информирал за одлуката од 30 мај 2025 година на бугарското собрание за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ.

Според соопштението на бугарското МНР, Георгиев на Муцунски му рекол дека останува непроменлива позиција на Бугарија „за категорична посветеност на европскиот консензус од јули 2022 година и упатува охрабрувачки повик до владата во Македонија да ги спроведе постигнатите договори“.

Георгиев посебно нагласил дека Бугарија нема услови надвор од франуцскиот предлог и дека тоа е исто така јасен сигнал за конструктивниот пристап на Бугарија.

Истите ставови ги изнесла и заменик-министерката за надворешни работи Елена Шекерлетова, која на состанок официјално ѝ ја предаде Одлуката на Народното собрание на амбасадорката на Македонија во Софија, Агнеза Руси-Поповска, и ја запознала со нејзиниот целосен текст. Шекерлетова нагласила дека овој чин го демонстрира широкиот договор што постои во Бугарија во врска со европскиот пат на Западен Балкан. Бугарија со тоа покажувала дека е доследна во својата поддршка за Македонија и останува тесно посветена на спроведувањето на договорите меѓу ЕУ и Скопје.

„Во овој контекст, заменик-министерката Шекерлетова изрази надеж дека избалансираниот тон во текстот на Одлуката и јасната гаранција дека нашата земја нема други услови освен збирот мерки договорени во европскиот консензус ќе бидат објективно препознаени и соопштени во јавноста од страна на политичкото раководство на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Во исто време, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека до моментов нема потврда дека ќе има средба на македонска и бугарска делегација на маргините на Самитот на НАТО во Хаг. Тој рече дека деновиве ќе стапи во контакт со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за да се информира дали има одговор од другата страна.

„До овој момент таква потврда немам, но планирам деновиве лично да се слушнам со претседателот на Европскиот совет, Кошта, бидејќи тоа беше негова идеја, ние ја прифативме без резерва, за тоа дали има некаков одговор од другата страна“, рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања во Владата.

„Жалам што наш сојузник во НАТО се однесува вака кон свој сојузник во рамките на НАТО, но оставам на останатите членки сојузници да судат. Да се користи како политичко оружје членството во ЕУ или интеграцијата на земјата во рамките на ЕУ, за да се решаваат билатерални прашања од пред неколку векови навистина претставува несмасна дипломатија. Нам ни беше важно оваа година дена светот да разбере дека суштината на проблемот не се да ги додадеме Бугарите во Уставот, односно согласно податоците од последниот попис, над 800-те граѓани (според пописот, има 3.504 – н.з.), кои се дел од бугарската заедница кај нас и кои велат дека нивниот мајчин јазик е бугарскиот. Суштината е обид на еден инженеринг, да се создаде нова македонска нација, која е резултат на одлука на Коминтерната по ’45-та година од минатиот век и дека таа нова македонска нација користи нов македонски јазик, кој станува службен во ОН, како дел од југословенската федерација во ’45-та година и дека почива на бугарски корени“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека тоа го знаел поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи.

„Тој точно знаеше што прави, директно стави нож во белите дробови на македонскиот идентитет, и тоа никогаш нема да го заборавам, прифаќајќи го францускиот предлог директно закова шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет. Ќе се бориме до крај, додека можеме, не знам дали ќе успееме, но добиваме симпатии“, рече Мицкоски.